Писмо до претседателот Путин по повод 20-годишнината од признавањето на Република Македонија од страна на Руската Федерација
Недела, 05 Август 2012   

altПочитуван господине Претседателе,

Дозволете ми, навраќајќи се две децении наназад, на еден од историските датуми за мојата земја – 5 август 1992 година, кога Руската Федерација донесе одлука за признавање на државноста и самостојноста на Република Македонија, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви ги пренесам изразите на почит и благодарност, како и желбата со Вас да го споделиме спомнувањето на овој значаен датум за мојата земја.

Ваквата одлука на еден од најзначајните меѓународни фактори во светот и на тамошното лидерство кое покажа државничко однесување и визија за признавање на штотуку осамостоената држава – Република Македонија под уставното име, во критично време на нашето појавување на меѓународната сцена, беше од историско значење за Република Македонија. Тоа беше одлука која го олесни процесот на меѓународно признавање на државноста, самостојноста и пошироката афирмација на Република Македонија во меѓународната заедница.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да потсетам дека само за неполни две години од признавањето, веќе во 1994 година, меѓу двете земји беа воспоставени целосни дипломатски односи на ниво на амбасади кои одлично работат во градењето на државните односи и на развојот на соработка меѓу нашите граѓани во сите области од заемен интерес.

Со задоволство можам да констатирам дека вкупните односи и соработката меѓу двете пријателски земји континуирано и успешно се градат, унапредуваат и продлабочуваат. Денес, нив ги карактеризира исклучително високо политичко ниво и развиена соработка во голем број области, изградена правна рамка на билатерални документи, дух на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување што е во согласност со долгата историска, духовна и културна, традиција меѓу нашите народи, како и економските интереси чие зацврстување е заеднички императив.

За ваквите придобивки, од исклучително значење е постигнатиот висок степен на политички дијалог на сите нивоа, вклучувајќи го и највисокото, што неодамна беше одново потврдено на средбата на претседателот на Владата на Република Македонија, Неговата екселенција, г. Никола Груевски, со Вас на Форумот во Санкт Петербург, на која со Ваша заложба е договорено Република Македонија да се вклучи во меѓународните енергетски коридори. Сакам да Ве уверам дека во духот на воспоставеното пријателство, подготвен сум заедно со Вас и натаму да даваме заеднички придонес во јакнењето на односите и на соработката меѓу нашите држави.

На крајот Ви посакувам, Вам и на граѓаните на Руската Федерација, остварување на натамошните успеси во градењето и јакнењето на Руската Федерација, а Вам Ви посакувам добро здравје, лична среќа и успех во извршувањето на исклучително одговорната функција.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад