|
Честитка од Претседателот Иванов по повод државниот празник 2 Август – Илинден, Ден на Републиката
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните на Република Македонија и до сите Македонци ширум светот.
Почитувани,
Би сакал најсрдечно да ви го честитам 2 Август, Илинден - Денот на Републиката. Благодарение на двата Илиндена, 1903 и 1944, кои се светилникот на нашата борба за сопствена држава, денес имаме можност да живееме во демократска, независна Република Македонија.
И по 109 години од Илинденското востание и 68 години од Заседанието на АСНОМ, идеалите на илинденците и на асномците се дел од нашето секојдневје и дел од визијата за нашата иднина - просперитетна Република Македонија, држава на рамноправни граѓани. Затоа со полно право денес имаме причина за славје и гордост. Празнувајќи го и овој Илинден во Република Македонија и насекаде низ светот, да им се заблагодариме и да им оддадеме почит на сите знајни и незнајни херои од нашата историја. Врз темелите што тие ги поставија опстојува современа и самостојна Република Македонија.
Драги сограѓани, пред нас претстојат нови искушенија и предизвици. Обединети и сложни да продолжиме посветено да работиме на изградба на модерно, просперитетно и европско општество.
Нека е честит и вековит празникот.
д-р Ѓорге Иванов
|