| Македонија што поскоро да ги продолжи интеграциите – средба со министрите за надворешни работи на Австрија и Словачка | |
|
|
Централна тема на средбата беше европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија и можностите за што поскоро деблокирање на интеграциските процеси. Претседателот Иванов се заблагодари за отворената поддршка од Словачката Република и Република Австрија за евроатлантската интеграција на Република Македонија и нагласи дека граѓаните особено го ценат нивниот принципиелен став дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за интеграциите на земјата. Потенцирајќи дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, претседателот Иванов пред министрите за надворешни работи апелираше земјите членки на ЕУ да побараат од Република Грција да ги почитува меѓународно преземените обврски, пресудата и Времената спогодба, и да ја напушти праксата на блокади. „Очекуваме од нашиот сосед да ги почитува меѓународно преземените обврски. Бараме еднаков и фер третман и примена на позитивните искуства од регионот за паралелно движење во интеграциите и во надминување на билатералните прашања,“ истакна на средбата претседателот Иванов. Истовремено, тој ја повтори подготвеноста на Република Македонија час поскоро да се изнајде заемно прифатливо решение за наметнатиот спор. „Решението е можно, но за тоа потребно е Грција да покаже искрена политичка волја и конструктивност и да се придржува до резолуциите на Обединетите нации и Времената спогодба, кои се во рамката во која се водат разговорите, без постојано наметнување услови кои не се дел од рамката и за кои воопшто не сакаме да разговараме,“ нагласи Претседателот. Во врска со билатералните односи со Австрија и Словачката Република беше изразено заемно задоволство од континуираниот политички дијалог, како и од подготвеностa и интересот за натамошно јакнење и продлабочување на соработката, особено во доменот на економијата.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими министерот за надворешни работи на Словачката Република, г. Мирослав Лајчак, и министерот за надворешни работи на Република Австрија, г. Михаел Шпинделегер.










