| Новите амбасадори на Ирска, Босна и Херцеговина и Еквадор ги предадоа акредитивите | |
|
|
Во поздравните говори на примопредавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов им посака добредојде и успех во вршењето на амбасадорската должност. На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Ирска, Н.Е. г. Оливер Гронан, македонскиот претседател изрази надеж за подинамичен развој на билатералните односи и севкупната соработка, и за поинтензивен политички дијалог меѓу двете земји во иднина. Посочувајќи дека евроатлантската интеграција е клучен интегрирачки фактор за Македонија, претседателот Иванов изрази очекување за засилена поддршка од Република Ирска, особено во текот на нивното претседавање со Европската унија, првата половина на 2013 година. Сметам дека е крајно време да ни се овозможи следната фаза во интеграцијата – почеток на преговорите. Се надевам дека, на тој план, ќе ја имаме поддршката од пријателска Ирска, истакна претседателот Иванов. Почестен што ќе ја претставува Ирска во Македонија, амбасадорот Гронан, вети дека ќе стори сè што може за да ги зајакне односите, билатерално, но и во европски и меѓународен контекст. Амбасадорот Гронан даде уверување дека Република Ирска ќе ја интензивира поддршката, особено за време на претседавањето со ОБСЕ и со Европската унија. Во тој период ќе се залагаме за плодно зајакнување на односите меѓу ЕУ и Македонија, особено во однос на процесот за членство. Ирска го дели уверувањето на ЕУ, дека перспективите на европската интеграција придонесуваат за промоција на стабилноста во Македонија и во поширокиот балкански регион, истакна амбасадорот Гронан.
Амбасадорот на Босна и Херцеговина изрази задоволство од досегашната соработка на мултилатерален план и интерес за интензивирање на односите со Република Македонија. Уверен сум дека пријателството и соработката меѓу нашите држави, успехот во афирмирање на сите односи кои ги соединуваат нашите народи ќе придонесе за просперитет, мир, стабилност и наша заедничка европска иднина, истакна амбасадорот Беговиќ.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Ирска, Босна и Херцеговина и Република Еквадор во Република Македонија.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина, Н.Е. г. Здравко Беговиќ, беше разменето мислење за актуелните случувања во регионот, потврдена беше соработката во евроатлантските интеграциски процеси и поздравен нагорниот тренд во економската соработка. Сакам да ја повторам силната поддршка која Република Македонија ја дава на пријателска Босна и Херцеговина во напорите за нејзина евроатлантска интеграција. Подготвени сме тесно да соработуваме, и да ги пренесуваме сопствените искуства на тој план. Само евроатлантската интеграција на целиот регион, ќе го обезбеди она што на сите ни е неопходно: трајна стабилност, безбедност, просперитет и благосостојба за нашите граѓани, истакна претседателот Иванов.
На средбата со амбасадорот на Република Еквадор, со седиште во Рим, Н.Е. г. Карлос Данило Валехо Лопез, кој е прв нерезидентен амбасадор за Република Македонија, претседателот Иванов се заблагодари за употребата на уставното име на Република Македонија, како цврст темел за пријателството меѓу двете земји. Ценам дека и покрај географската оддалеченост, постои заедничка желба и потенцијал за сеопфатно развивање на меѓусебните односи, за доброто на нашите народи. Верувам дека со вашиот ангажман, ќе дадете придонес кон нивно градење и зајакнување, а бидете сигурен дека во вршењето на дипломатските должности, ќе ја уживате нашата целосна поддршка и помош, истакна претседателот Иванов во поздравниот говор.










