Сите отворени прашања да се надминуваат со дијалог – средба со косовскиот министер за надворешни работи, Хоџај
Понеделник, 25 Јуни 2012   

Претседателот на Република Македонија,  д-р Ѓорге Иванов денеска гo прими министерот за надворешни работи на Република Косово, Енвер Хоџај.

На средбата беше констатирано дека односите меѓу Република Македонија и Република Косово се одвиваат на континуирана, конструктивна и пријателска основа по бројни прашања од заемен интерес, и во духот на добрососедството.

Двајцата соговорници изразија задоволство од севкупниот развој на билатералните односи, редовниот политички дијалог на сите нивоа и констатираа дека економската и трговската соработка се движат по нагорна линија.

 
Претседателот Иванов и министерот Хоџај се согласија дека сите отворени прашања во регионот може и мора  да се надминат само со политички дијалог и соработка. Претседателот нагласи дека за земјите од регионот единствена алтернатива е интеграцијата во НАТО и Европската Унија. Во тој контекст, Република Македонија го поддржува Косово на планот на евроатлантските интеграции и е подготвена да даде придонес преку пренесување на позитивните искуства од повеќе области.

Претседателот Иванов  го повтори принципиелниот став на Република Македонија во однос на дијалогот Белград – Приштина. Тој ги поздрави двата договора постигнати во Брисел, посочувајќи дека успешното одвивање на дијалогот е од значење за стабилноста во регионот.

На средбата беа разменети мислења и за соработката во другите области од заемен интерес, како што се одбраната, борбата против организираниот криминал, културата, здравството, образованието. Соговорниците ги потврдија и заложбите за засилена регионална соработка во областите на стопанството, инфраструктурата и сообраќајот, како и интензивирање на прекуграничната соработка, преку заеднички настап во искористувањето на европските фондови.

Упатувајќи поздрав до Претседателот на Република Косово, Н.Е. Атифете Јахјага, претседателот Иванов изрази надеж дека македонските Горани во Косово ќе бидат признаени под тоа име што поскоро. Имајќи го предвид фактот дека Република Косово презеде важни чекори во признавање на малцинските права на Црногорците и Хрватите, очекувам истиот статус да го добијат и македонските Горани, што сум уверен дека ќе биде поздравено и високо ценето од сите релевантни меѓународни фактори, нагласи претседателот Иванов. На средбата, косовскиот министер за надворешни работи се заложи за унапредување на положбата и правата на македонските Горани.


  Back<<Назад