Средба со делегација на Кралскиот колеџ за одбранбени студии од Велика Британија
Петок, 25 Мај 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими претставниците од Кралскиот колеџ за одбранбени студии од Велика Британија.

Регионалната посета на Кралскиот колеџ ја предводи генерал-мајор Себастијан Робертс. Во Скопје пристигнуваат по претходна посета на Србија и Босна и Херцеговина, а оттука заминуваат во соседна Грција.

На средбата беше разменето мислење за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија,  за исходот од самитот во Чикаго, а соговорниците од Велика Британија пројавија интерес и за дведеценискиот билатерален спор со Република Грција, кој ги попречува македонските интеграциски перспективи.

Претседателот Иванов пред претставниците од Кралскиот колеџ уште еднаш го елаборираше ставот на Република Македонија по самитот во Чикаго, посочувајќи дека и покрај тоа што Алијансата не успеа да го промени заклучокот за Македонија имајќи ја предвид пресудата, нашата земја и натаму доследно ќе придонесува во мисиите на НАТО и целосно ќе ги поддржува политиките на Организацијата.

Како институција која влијае на зајакнување на стратешкото размислување на идните креатори на политики и стратегии, претседателот Иванов пред делегацијата од Кралскиот колеџ ги посочи начините за деблокада на македонските интеграции, преку почитување на Времената спогодба, конструктивност и придржување до рамката на разговорите за името, укажувајќи дека  злоупотребата на консензусот и растегливоста на концептот на солидарност во НАТО и во ЕУ може да предизвикаат сериозно нарушување на меѓународниот кредибилитет на двете институции.

Кралскиот колеџ за одбранбени студии е постдипломска програма за меѓународни стратешки студии, со фокус на безбедноста, стабилноста и напредокот. Од редовите на овој колеџ имаат произлезено најдобрите оратори од Обединетото Кралство, од академската сфера, но и практичари во областа на стратегиите, како што се министри, дипломати, па дури и шефови на држави.

Реномираниот колеџ за одбранбени студии има образувано и кадри од Армијата на Република Македонија.


  Back<<Назад