ЕУ да го валоризира прогресот на Македонија на јунскиот Совет – средба со австрискиот претседател на Националниот совет
Петок, 25 Мај 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Барбара Прамер, претседател на Националниот совет на Република Австрија.

На средбата обострано беше констатирана позитивна динамика во развојот на севкупните билатерални односи со јасна подготвеност за нивно продлабочување. Како значаен сегмент во меѓусебната соработка, особено беше акцентирана улогата на парламентите на двете земји.

Претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната и отворена поддршка од Австрија - процесот на македонските евроинтеграции да се одвива паралелно со разговорите за името, и изрази искрено очекување дека Република Австрија силно ќе се залага за деблокада на Македонија на Европскиот совет во јуни. Во таа насока, Претседателот изјави дека очекува Европската унија на претстојниот состанок конечно да го валоризира, а не само да го нотира прогресот на Република Македонија, а  притоа  да го одложува почетокот на претпристапните преговори за членство.

Претседателот Иванов воедно апелираше европските партнери да побараат од Грција да ги почитува обврските од Времената спогодба и пресудата од Хаг, исто онака како што бараат Грција да ги почитува обврските од пакетот за финасиска помош. И покрај неправедните и неаргументирани блокади, Македонија ќе продолжи динамично да работи на целосно достигнување на европските стандарди и нема да отстапи од конструктивен пристап во разговорите за името, посочи Иванов, додавајќи дека е неопходно доследно почитување на пресудата од Хаг, како и  фер третман од сите земји-членки на Унијата.

Изразувајќи задоволство од посветеноста на Македонија во исполнување на зададените реформи и степенот на нивна реализираност, претседателот на Националниот совет ја потврди австриската поддршка за македонските евроинтеграции, како и заложбите на Австрија за присоединување на сите земји од Балканот кон европското семејство.  Прамер истакна дека е потребно спорот за името да се разграничи од интеграцијата во Европската унија и притоа  изрази надеж дека  Македонија и Грција што поскоро ќе успеат да изнајдат заеднички прифатливо решение во духот на добрососедството.

Двајцата соговорници разменија мислење за актуелните случувања на Балканот и се согласија дека единствена одржлива алтернатива за регионот е целосна интеграција во Европската унија и во НАТО.

Во насока на унапредување на пријателските односи, претседателот Иванов очекува во 2013 година да биде реализирана и возвратна официјална посета на австрискиот претседател Хајнц Фишер.


  Back<<Назад