Стабилен и просперитетен регион е заедничка цел – новиот косовски амбасадор ги предаде акредитивите
Петок, 25 Мај 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Косово, Н.Е. Илбер Хиса.

Претседателот Иванов му посака успех на новиот косовски амбасадор во извршувањето на мисијата, и изрази задоволство од досегашниот позитивен развој на односите со Косово, со интерес за натамошно јакнење на економската соработка и инфраструктурните проекти.

Очекувам во периодот што претстои да продолжиме да го јакнеме политичкиот дијалог на сите нивоа, а досегашната билатерална соработка да ја збогатуваме со нови содржини во духот на пријателството, добрососедството и меѓусебното разбирање. Република Македонија е подготвена, заедно со Република Косово и со сите свои соседи, и билатерално и преку регионалната соработка да придонесува кон остварувањето на заедничките цели: стабилен и просперитетен регион и, конечно, негова целосна интеграција во евроатлантските структури, истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Македонија е против какви било промени на границите на Балканот, а отворените прашања во регионот може да се надминат само низ дијалог и само доколку земјите се движат напред сo целосна посветеност на реформскиот процес, поради што интеграцијата во НАТО и во Европската унија нема алтернатива, истакна претседателот Иванов на средбата. Тој изрази поддршка за дијалогот кој се води во Брисел,  посочувајќи дека неговото успешно одвивање е од значење за стабилноста во регионот.

Упатувајќи поздрав до претседателот на Република Косово, Н.Е. Атифете Јахјага, претседателот Иванов изрази надеж дека малцинството на Гораните во Косово ќе биде признаено што поскоро.


  Back<<Назад