|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на сите православни верници и на сите граѓани на Република Македонија им го честита денешниот државен празник, 24 Mај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
Почитувани граѓани,
Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, и да ви посакам радосни и благословени празнични мигови.
Со своето неизбришливо дело свети Кирил и Методиј ги задолжија сите словенски народи, но и воопшто христијанскиот свет. Нивната улога во промовирањето на рамноправност на јазиците и народите, и борбата против ограничените средновековни сфаќања и стеги се пример за целиот цивилизиран свет. Свети Кирил и Методиј, прогласените заштитници на Европа од неговата светост, папата Јован Павле Втори, успеаја со својата верба и упорност да ја остварат мисијата за еднаков пристап до образованието и науката за сите.
И овој 24 Мај, македонската држава, оддавајќи му почит и славејќи го делото на свети Кирил и Методиј, ја слави и промовира културната и јазична разноличност, образованието и науката, духовноста и етичноста.
Со својот животопис светите браќа покажаа дека силата на човечкиот дух, неговата верба и истрајност се непобедливи. Токму нивниот подвиг нека ни биде патоказ и во овие времиња, кога повторно над сè надвиснуваат негации од секаков вид, да истраеме во зачувувањето на нашиот национален, јазичен и културен идентитет.
Нека ни е за многу години големиот државен празник!
д-р Ѓорге Иванов
|