| Честитка до Влашката заедница во Република Македонија по повод Националниот ден на Власите | |
|
|
Низ вековите, бројни преродбеници се вградија во борбата за зачувување на влашкиот идентитет. Спомнувајќи си на 170-годишнината од смртта на големиот влашки преродбеник и прв влашки граматичар, Михаил Бојаџи, не можеме а да не се сетиме на заветот кој го остави тој со својата граматика. Граматика на еден жив, динамичен и развоен јазик. Верувам дека света мисија на секоја генерација е да го пренесе комуникацискиот код кој нè поврзува со минатото и претставува гаранција за иднината. Да обезбеди не само зачувување, туку и развивање и промовирање на влашкиот јазик, култура и традиција. Да биде мост на поврзување меѓу минатите, сегашната и идните генерации. Денес, 15 години по донесувањето на Препораката 1333 на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Република Македонија останува да биде светол пример за сите други држави за тоа како треба да се негува, унапредува и промовира влашкиот јазик и култура, не само со зборови, туку и со дела. Услови постојат. Од издавањето учебници на влашки јазик, преку воведувањето настава на влашки јазик, па сè до воспоставувањето на Центар за историја, јазик и култура на Власите, иницијатива која е силно поддржана. Навременото, соодветното и активното користење на овие придобивки ќе придонесе кон чувањето на влашкиот идентитет. Во сржта на ваквиот потфат е, секако, љубовта кон мајчиниот јазик која овозможува, преку јасната претстава за славното минато, да ја насочиме енергијата кон градењето на подобра иднина за нашите деца. Голем и значаен е историскиот, општествениот и културниот придонес кој Власите континуирано го давале, го даваат и ќе го даваат за Македонија. Токму затоа, Република Македонија е особено горда на Влашката заедница, која е уставно призната и општествено ценета, и која со својата трудољубивост и богата култура претставува нераскинлив дел од минатото, сегашноста и иднината на нашата заедничка татковина. Со такво уверување, на сите припадници на Влашката заедница во Република Македонија им го честитам овој светол празник. д-р Ѓорге Иванов
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до претставниците на Влашката заедница во Република Макеоднија, по повод 23 мај - Националниот ден на Власите:










