Турција со безрезервна поддршка за македонското НАТО членство - средба со претседателот на турското собрание, Чичек | |
|
Двајцата соговорници изразија задоволство од континуираниот развој на билатералните односи и од позитивниот тренд на севкупна соработка. Посебно внимание беше посветено на парламентарната соработка како исклучително значаен сегмент, а беше искажано задоволство и од постојаната позитивна динамика во економската соработка. Претседателот Иванов истакна дека односот меѓу двете земји во повеќе сегменти достигнува степен на стратешко партнерство, а честите средби на највисоко ниво се само потврда и сигнал за натамошно унапредување на пријателските релации. На средбата беа разменети мислења за прашањата од регионален интерес, како и за перспективите на македонските евроатлантски интеграции, низ призма на можностите за нивно што поскоро деблокирање. Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната конструктивна и принципиелна поддршка од Република Турција во Северно-атлантскиот сојуз, која е особено значајна во пресрет на Самитот во Чикаго. Македонија недвосмислено ги исполнува критериумите за влез во НАТО, а нејзиниот придонес во мировните мисиите е меѓународно признаен и високо ценет, потенцираше претседателот Иванов и дополни дека новонастанатата правна состојба по пресудата од Хаг, ја наметнува потребата од редифинирање на заклучокот од Букурешт, кој е резултат на противправното однесување на Република Грција. Претседателот на турското Собрание Чичек изрази целосна поддршка за македонските евроатлантски аспирации, и го сподели мислењето дека блокадите на интеграциските процеси на Република Македонија се неразбирливи и неразумни. Турција и натаму ќе се залага процесот на проширување да остане високо на НАТО агендата, а Македонија може и понатаму да смета на безрезервна поддршка од Република Турција, истакна Чичек. Двете страни изразија подготвеност за натамошна соработка на регионален и мултилатерален план, при што посебно беше нагласена успешната соработка во рамките на Алијансата на цивилизациите.
|