Данска е силен поддржувач на проширувањето – средба со данскиот министер за европски прашања, Вамен | |
|
Клучни теми на разговор меѓу двајцата соговорници беа претстојниот Европски совет во јуни и можноста за деблокада на ЕУ интеграциите преку добивање на датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија, како и перспективите за продлабочување на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Кралството Данска. Потенцирајќи дека дијалогот на високо ниво не е замена за преговорите за членство, претседателот Иванов изрази очекување дека Данска како актуелен претседавач со Европската Унија, на Советот во јуни ќе го отвори прашањето за Македонија и ќе го поддржи одредувањето на датум за почеток на претпристапните преговори за членство. Претседателот Иванов изрази надеж дека преку целосно почитување на Времената спогодба, пресудата од Хаг, како и позитивните примери од регионот на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики, до деблокада на европските и евроатлантските интеграции е можно да се дојде. Воедно, претседателот Иванов ја нагласи подготвеноста на Република Македонија низ дијалог, со конструктивен пристап и со целосно почитување на рамката во која се водат разговорите, да се дојде до заемно прифатливо решение за наметнатиот спор, за што е неопходен идентичен пристап и од нашиот сосед. Министерот Вамен, изрази задоволство од текот на реформските процеси во земјава, и упати честитки за отпочнувањето и постигнувањата од дијалогот на високо ниво со Европската Унија. Тој нагласи дека Данска, и во својство на претседавач, но и билатерално, останува силен поддржувач на проширувањето и дека во рамките на можностите прави напори сите земји од регионот на Западен Балкан, вклучително и Република Македонија, да направат исчекор во интеграциите. Министерот Вамен истакна дека нерешениот спор за името со Република Грција останува пречка на македонскиот пат кон ЕУ и дека Данска ги охрабрува и посакува двете страни низ дијалог да изнајдат заемно прифатливо решение. Двајцата соговорници искажаа интерес за зајакнување на севкупната билатерална соработка меѓу двете земји и за интензивирање на контактите, со оглед на фактот дека досега немало средба на највисоко ниво.
|