| Двете соседни држави делат заеднички вредности – новиот бугарски амбасадор ги предаде акредитивите | |
|
|
Претседателот Иванов посакувајќи добредојде на новоименуваниот бугарски амбасадор во Република Македонија, изрази надеж дека амбасадорот Петков ќе даде силен придонес кон натамошното унапредување на односите меѓу двете држави. Верувам дека во периодот што претстои ќе продолжиме да го јакнеме и да го продлабочуваме политичкиот дијалог и досегашната билатерална соработка, ќе ја дополниме со нови содржини, во духот на пријателството, добрососедството и меѓусебното разбирање, рече претседателот Иванов. Како две соседни држави кои делат заеднички вредности, стратегиски цели и се посветени на соработката и развојот на регионот, претседателот Иванов изрази очекување дека Република Бугарија ќе остане и натаму силен поддржувач и партнер на македонските интеграции, и дека поддршката ќе се потврди и на претстојниот Самит на НАТО во Чикаго. Во интерес на олеснување и унапредување на економската соработка, македонскиот претседател посочи дека двете земји треба да се фокусираат на инфраструктурните и енергетските поврзувањa, на поголема прекугранична соработка, како и на заеднички настап во искористувањето на европските фондови. Амбасадорот Петков изрази очекување дека Република Македонија ќе успее да оствари суштински напредок во интеграциските процеси, потенцирајќи дека Република Бугарија ќе продолжи со политичката поддршка во оваа насока. Почеток на нови заеднички проекти што ќе доведат до конкретни резултати и ќе ги олеснат интеграциските процеси, ќе бидат дел од заложбите на амбасадорот Петков. Упатувајќи срдечни поздрави до неговиот бугарски колега, претседателот Росен Плевнелиев, претседателот Иванов изрази очекување дека во интерес на добрососедството, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, средбите на највисоко политичко ниво меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма од новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија во Република Македонија, Н.Е. Иван Великов-Петков.










