| Поддршка за целосна интеграција на Западен Балкан - средба со премиерот на Чешката Република, Нечас | |
|
|
На средбата беше потврдено дека двете земји имаат традиционално добри и пријателски односи, и беше поздравен интензивниот политички дијалог, кој во изминатиов период го карактеризираат голем број средби на високи претставници од Република Македонија и од Чешката Република. Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката која Чешката Република ја дава во однос на интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО, и изрази очекување дека истата ќе продолжи и во претстојниот, исклучително значаен период за Република Македонија. Претседателот го запозна чешкиот премиер со напорите кои Македонија во континуитет ги вложува за исполнување на стратешките надворешно-политички цели, за реформскиот процес и изрази очекување дека час поскоро, овие заложби ќе резултираат со заслужено членство во НАТО и во Европската унија. Во овој контекст, премиерот на Чешката Република беше запознаен со одлуката на Меѓународниот суд на правдата, која претставува потврда за исправната политика на Република Македонија. Претседателот Иванов уште еднаш потенцираше дека Македонија има полно право да очекува и да бара од Република Грција доследно да ја почитува одлуката на Судот и Времената спогодба, и изрази надеж дека истата ќе биде земена предвид на претстојниот Самит на НАТО во Чикаго, како и при идното носење одлуки за Македонија од страна на Европската унија. Премиерот Нечас истакна дека од посебно значење за Чешката Република е интеграцијата на Западен Балкан, а особено на Македонија во Европската унија и во НАТО, потсетувајќи на изразената поддршка на Самитот во Букурешт. Тој ја потенцираше важноста од целосна интеграција на Западен Балкан, што ќе значи проширување на зоната на стабилност и безбедност, и нагласи дека Република Македонија и натаму ќе ја ужива поддршката од Чешката Република. За време на разговорите беше изразено взаемно задоволство од зголемената трговска соработка и подобрените економски релации на кои дополнителен поттик им дадоа неколкуте отпочнати проекти на Република Македонија со чешки компании. Како потврда за добрите односи беше посочено именувањето на “Македонска улица” во центарот на Прага, како и отворањето на почесниот конзулат на Република Македонија во Храдец Кралов. Во прилог на билатералните односи, двајцата соговорници изразија надеж дека што поскоро ќе се надминат проблемите со македонскиот лекторат во Прага.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Владата на Чешката Република, Петр Нечас, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.










