Честитка од претседателот Иванов до припадниците на АРМ по повод христијанскиот празник Велигден
Сабота, 14 Април 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на Армијата на Република Македонија од христијанска вероисповед, по повод празникот Воскресение Христово - Велигден.

Како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија имам особена чест и задоволство на сите припадници на АРМ од христијанска вероисповед да им го честитам големиот празник, Воскресението Христово -Велигден.

Празникот над празниците - Велигден е празник на животот и дарувањето, вербата и посветеноста. Токму вербата, храброста и посветеноста се одлики на македонскиот војник кој предано и служи на својата татковина.

Дозволете во оваа честитка да го потенцирам значењето на вашиот професионален ангажман, со кој покажавте дека сте подеднакво успешно обучени како за извршување на основната мисија на АРМ, а тоа е одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, така и за извршување на мисии надвор од државата, каде што илјадници километри оддалечени од татковината, македонските мировници гордо го веат македонското знаме. Со својата целосна посветеност на обврските, честопати изложувајќи се на висок ризик, демонстриравте храброст и одважност, поради што се стекнавте со висок рејтинг и углед на меѓународен план.

Би сакал да потенцирам дека со вашата постојана поддршка на државните институции, единиците на локалната самоуправа, здруженијата и други организации во Република Македонија, покажавте дека Армијата е, секогаш тука, на услуга за своите граѓани.

Со најискрени желби за добро здравје, среќа и успех.
Христос воскресна, навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

 

  Back<<Назад