Да се интензивира економската соработка - средба со претседателката на албанското Собрание, Јозефина Топали
Среда, 04 Април 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Јозефина Топали, претседател на Собранието на Република Албанија.

На средбата беше изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете земји и се потврди взаемната определба за натамошно јакнење на пријателството и градење на добрососедство низ отворен дијалог.

Соговорниците разменија мислења за состојбата со евроатлантските интеграции на Република Македонија и на Република Албанија, состојбите во регионот, како и за можноста за интензивирање на економската соработка, за која беше констатирано дека не кореспондира со високото ниво на политичките односи. Заеднички заклучок од средбата беше дека евроинтеграциите во регионот се придвижуваат и дека двете земји треба да продолжат со добрата соработка и со меѓусебната поддршка за македонското интегрирање во НАТО и во Европската унија, и албанското интегрирање во ЕУ.

Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Албанија ќе го поддржува македонското членство во НАТО, особено на претстојниот Самит во Чикаго и изрази подготвеност за тесна соработка во евроинтеграциските процеси и  за споделување на искуствата на тој план. Претседателот на албанското собрание истакна дека Република Албанија ја поддржува интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури, и дека градењето на добрососедските односи е значаен елемент кој оди во прилог на европската интеграција.

Соговорниците се согласија дека е потребно интензивирање на економската соработка, потенцирајки ја важноста од инфраструктурното и енергетското поврзување меѓу двете земји, и можностите за продлабочување на соработката во туризмот и земјоделството.



  Back<<Назад