| Целосна поддршка за евроатлантска интеграција на Македонија – средба со конгресмени од САД | |
|
|
На средбата претседателот Иванов истакна дека оваа посета е од особено значење, бидејќи се случува во исклучително важен период за Република Македонија и нејзините стратешки цели. Конгресмените беа запознаени со актуелните состојби во Република Македонија, со напорите за промена на статус-кво состојбите во поглед на евроатлантските интеграции, како и со очекувањата за претстојниот период. Претседателот се заблагодари за континуираната поддршка и за стратешкото партнерство со САД кое не е само формално, туку суштинско, поврзано со вредности и идеи, идентични визии и партнерски односи. Писмото кое 54 членови на Конгресот го упатија до американскиот претседател Барак Обама, е само потврда на пријателството меѓу двете земји, и чин што граѓаните на Република Македонија високо го ценат. Членовите на Конгресот беа запознаени со пресудата од Меѓународниот суд на правдата која дава кредибилитет и претставува потврда на исправната политика на Република Македонија. Во пресрет на претстојниот Самит во Чикаго, Претседателот изрази надеж дека по пресудата, земјите - членки ќе ги преиспитаат нивните позиции во однос на Македонија, односно дека ќе биде преиспитан заклучокот од Букурешт. На средбата со конгресмените страна збор и за билатералниот спор за името наметнат од јужниот сосед. Претседателот Иванов го потврди ставот дека Македонија останува со конструктивен пристап, посветена на процесот за што поскоро изнаоѓање на заемно прифатливо решение за името, за што е неопходно почитување на рамката во која се водат разговорите, добра волја и одговорен пристап и од нашиот јужен сосед. Членовите на Конгресот ја реафирмираа целосната поддршка за евроатлантска интеграција на Република Македонија, и подготвеноста за натамошно продлабочување на партнерските односи и соработката со Конгресот, особено преку програмата House Democracy Partnership (HDP). Искажувајќи благодарност за учеството на Република Македонија во мировните мисии, беше нагласено дека од исклучителна важност е интеграцијата на Република Македонија во НАТО, која ќе значи позитивен импулс за целиот регион, натамошна стабилизација на односите и ширење на зоната на стабилност и безбедност.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими делегацијата од Конгресот на САД, која престојува во посета на Република Македонија, а во чиј состав се г. Дејвид Драјер, г. Дејвид Прајс, г. Џим МекДермот, г. Ерик Паулсен и г. Гери Коноли.










