| Денес на Балканот владее духот на соработка – работен ручек со амбасадорите на земјите од Западен Балкан, Словенија и ЕУ | |
|
|
Во фокусот на разговорите беа евроатлантските интеграции како стратешка определба на земјите од регионот. Претседателот Иванов и амбасадорите се согласија дека евроинтеграцијата на сите земји од Западен Балкан едноставно нема алтернатива, но исто така и дека проектот обединета и просперитетна Европа нема да биде завршен без земјите од регионот да се приклучат во Унијата. Претседателот и амбасадорите разменија мислење за актуелните случувања и најновите достигнувања на земјите на релација со ЕУ и НАТО. Едногласен беше заклучокот дека нашиот регион има драматична трансформација во период од само една декада, и дека наспроти поранешните перцепции, денес во него владее духот на соработката, идентичните визии и взаемната поддршка во исполнувањето на стратешките цели. Амбасадорите го поздравија пристапниот дијалог на високо ниво кој Македонија го почна со Европската Унија и изразија надеж дека земјава што поскоро ќе добие покана за членство во НАТО. Претседателот Иванов ги потврди заложбите на Република Македонија за зацврстување и продлабочување на регионалната соработка и размена на искуства со цел заедничко трасирање на европскиот пат. Имајќи ги предвид претстојните претседавања на Република Македонија со две значајни регионални иницијативи - Процесот за соработка во ЈИЕ и Дијалогот меѓу цивилизациите, претседателот Иванов го повтори ставот дека регионалните средби треба да влезат во нова ера, односно од нив да произлегуваат конкретни проекти, напоменувајќи дека политичките декларации веќе не се доволни и дека е неопходна конкретна акција.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска приреди работен ручек за амбасадорите на земјите од Западен Балкан, амбасадорот на Република Словенија и шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.










