Македонија може да смета на унгарската поддршка – средба со унгарскиот министер за надворешни работи, Мартоњи
Вторник, 03 Април 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во својот Кабинет го прими министерот за надворешни работи на Унгарија, г-дин Јанош Мартоњи, кој престојува во официјална посета на земјата.

Посакувајќи му топло добредојде на министерот Мартоњи, Претседателот посочи дека честите средби на високо ниво се потврда за одличните односи меѓу двете земји, засновани на пријателство, разбирање и соработка.

Претседателот Иванов изрази благодарност за доследната и принципиелна поддршка од страна на Унгарија за процесите на интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, јасно искажана во писмото на унгарскиот премиер Орбан до европските лидери во кое побара интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики да се одвиваат паралелно.

Унгарскиот министер за надворешни работи упати честитки за позитивните промени и успехот во реформските процеси во Република Македонија во изминатите години, нагласувајќи ја важноста од продолжување на интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Министерот Мартоњи истакна дека Унгарија целосно го поддржува отпочнувањето на пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија и интеграцијата во НАТО, на што Република Македонија може да смета и во наредниот период. Воедно, тој изрази надеж дека отвореното прашање во врска со името ќе биде надминато преку конструктивен политички дијалог од двете страни.

Двајцата соговорници позитивно го оценија пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската комисија, што претставува преодна алатка и своевидна валоризација на спроведените реформи и остварениот напредок на земјата во повеќе сфери.

На средбата беше заемно констатирано дека во периодот што следи треба да се поттикне билатералната соработка, со фокусираност на економијата, зголемување на трговската размена и привлекување и охрабрување на унгарските инвеститори.



  Back<<Назад