Заложби за унапредување на билатералната соработка – средба со претседателот на Руанда, Пол Кагаме
Недела, 01 Април 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес во Вила Билјана во Охрид го прими претседателот на Руанда, Пол Кагаме.

Двајцата претседатели, кои за прв пат остваруваат билатерална средба, изразија заемно задоволство што петтиот состанок на Комисијата за широко-појасен интернет и дигитален развој за прв пат се одржува вo Охрид – духовната и културна престолнина на Македонија.


Претседателот Иванов нагласи дека одржувањето на конференцијата со еминентни учесници е своевидно признание за Република Македонија која многу вложува и е силно посветена на развојот на информациските технологии и информатичкото општество, кои денес се нераскинливо поврзани со економскиот развој, но и со севкупните општествени текови.

 
Македонскиот претседател Иванов и претседателот на Руанда Кагаме се согласија дека односите меѓу двете земји, и покрај отсуствто на редовен политички дијалог, сепак се карактеризираат со висок степен на почитување и пријателство.


Претседателите разменија информации и за актуелните политички и економски состојби во двете земји, стратешките интереси и определби, како и регионалните состојби. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија, покрај стратешките приоритети за интеграција во Европската унија и НАТО, негува интерес и подготвеност за унапредување на соработката со земјите од Африка, следејќи го принципот за отвореност кон сите.

Претседателите Иванов и Кагаме се заложија во наредниот период да се утврдат можностите за билатерална соработка, како и за взаемна поддршка и соработка помеѓу Македонија и Руанда на мултилатерален план.



  Back<<Назад