Зголемен интерес за кинески инвестиции во Македонија – средба со вицепремиерот на Кина, Хуи Лиангју
Четврток, 29 Март 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес  оствари средба со вицепремиерот на Народна Република Кина, г-дин Хуи Лиангју.

Претседателот Иванов и Вицепремиерот Лиангју на средбата изразија задоволство од високото ниво на односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, кои ги оценија како пријателски и блиски.  Двајцата соговорници се согласија дека средбите на високо политичко ниво продолжуваат да придонесуваат кон подобро запознавање на двете земји и искористување на можностите за соработка.

Претседателот Иванов го поздрави постојаното зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Кина. Двајцата соговорници се осврнаа и на мерките потребни за натамошно зголемување на трговската размена, од која полза имаат и двете земји.

Претседателот Иванов и вицепремиерот Лиангју разговараа и за стратегиските инвестициски проекти во Република Македонија, за кои интерес изразија кинески институции и компании.

Вицепремиерот Лиангју изрази задоволство од зголемената динамика во соработката и во останатите сфери – образованието, културата и особено земјоделството, оценувајќи ја посетата како успешна, пред сè поради унапредувањето на правната рамка меѓу двете пријателски земји. Тој пренесе срдечни подрави и од претседателот на Народна Република Кина, Ху Џинтао.


  Back<<Назад