| Посветеност кон промовирање позитивна перспектива за сите граѓани – средба со албанскиот вицепремиер Хаџинасто | |
|
|
Претседателот Иванов и вицепремиерот Хаџинасто на средбата ги разгледаа билатералните односи на Република Македонија и на Република Албанија, оценувајќи ги како одлични и пријателски, со континуирана позитивна динамика во дијалогот и во соработката. На средбата беа разгледани повеќе иницијативи за натамошно подобрување и искористување на можностите за соработка, особено економската, и начините за нејзино интензивирање. Заемна беше констатацијата дека со заеднички настап за подобрување на патната инфраструктура меѓу двете земји, ќе се даде конкретен придонес во таа насока. Претседателот Иванов и вицепремиерот Хаџинасто разменија мислења за состојбата со евроатлантските интеграции на Македонија и на Албанија, како и за состојбите во регионот. Заклучокот на соговорниците е дека интеграциите во регионот се придвижуваат и дека двете земји треба да продолжат со добрата соработка и со меѓусебната поддршка за македонското интегрирање во НАТО и во Европската унија, и албанското интегрирање во ЕУ. Претседателот Иванов и вицепремиерот Хаџинасто се согласија дека поединечни изолирани инциденти на ниеден начин не можат да влијаат на пријателските односи меѓу двете земји, со констатација дека е важно сите одговорни и сериозни политички фактори во регионот да продолжат да ги осудуваат обидите за поттикнување на непријателства и предрасуди меѓу државите, народите и верските заедници во регионот. Македонија и Албанија остануваат посветени на промовирањето на позитивна перспектива за сите граѓани, која ќе понуди економски развој и напредок, и меѓусебно почитување и толеранција.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Албанија, Едмонд Хаџинасто.










