Честитка до унгарскиот претседател Пал Шмит по повод Денот на Унгарската револуција
Четврток, 15 Март 2012   

Претседателот на Република Македонија упати честитка до неговиот унгарски колега, претседателот Пал Шмит, по повод Денот на Унгарската револуција:

Ми претставува особено задоволство, по повод Денот на Унгарската револуција од 1848 година, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и благосостојба на пријателскиот унгарски народ.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од исклучително висoкиот степен на традиционални пријателски односи и соработка меѓу Република Македонија и Унгарија, и да го изразам своето уверување дека со заеднички сили ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Би сакал да искажам и благодарност за принципиелната и цврста поддршка, која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во напорите за интеграција во големото европско и евроатлантско семејство на народи. Длабоко сум уверен и очекувам дека истата ќе продолжи и во претстојниот период значаен за Република Македонија, во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго и состаноците на Европскиот совет.

Верувам дека во наредниот период ќе можам да Ве поздравам во Република Македонија, со што ќе дадеме силен импулс за натамошно продлабочување на соработката.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад