| Интеграциите се дополнителна кохезивна сила - Средба со Генералниот секретар на ОБСЕ, Заниер | |
|
|
Претседателот Иванов на средбата истакна дека Република Mакедонија високо ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на македонските власти во повеќе сфери - владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот. На средбата двајцата соговорници заклучија дека активното учество на Република Mакедонија во работата и активностите на ОБСЕ, успешната трансформација од земја-корисник во рамноправен партнер, како и целосно исполнетите услови и критериуми за членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ, доволно зборува за постигнатиот успех и напредокот на земјата. Претседателот Иванов го информираше Генералниот секретар на ОБСЕ, Заниер, дека во овој момент за Република Македонија останува клучниот предизвик да се деблокира статус-кво состојбата во интеграциите. Тој додаде дека евро-атлантските интеграции даваат дополнителна кохезивна сила во нашето општество и изрази очекување дека во наредниот мошне значаен период, партнерските земји од ЕУ и НАТО ќе покажат повеќе визија, која на Република Македонија ќе и овозможи да продолжи по својот зацртан пат. Претседателот Иванов дополни дека блокадите на интеграциските процеси, покрај реалните последици во повеќе сфери во земјата, создаваат и одредени фрустрации кај граѓаните. Таквите фрустрации одвреме-навреме се појавуваат во форма на меѓуетнички тензии, како оние на кои сме сведоци во последниов период. Но, ваквите провокации не наидуваат на поддршка од граѓаните, чиј соживот се темели на вековни традиции, кои денес преку Охридскиот договор се преточени во Устав и Закони. Напротив, посочи Претседателот, граѓаните и системот ги осудуваат ваквите случувања, а сторителите ќе бидат соочени со соодветни последици. Македонскиот претседател и генералниот секретар на ОБСЕ разговараа и за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, кој всушност претставува легитимирање и унапредување на вековниот соживот, толеранцијата и разбирањето меѓу различните етнички заедници во Република Македонија. Македонскиот модел на интеграција без асимилација, нагласи Претседателот, претставува позитивен пример во регионот и пошироко. Во Република Македонија почитувањето на човековите, и особено правата на заедниците, во голем број аспекти е согласно највисоките меѓународни стандарди, и во таа насока претседателот Иванов апелираше за позајакната регионална соработка на Мисиите на ОБСЕ, со примарна цел - еднаква примена на стандардите во повеќе сфери. Нашата држава особено посветува внимание на интеграцијата на различните етнички заедници во образованието, како предуслов за поголема кохезија и интеграција во општеството. На средбата беа разменети мислења и информации за фокусот и областите кон кои ќе биде посветен идниот ангажман на ОБСЕ мисијата, а во насока на натамошна поддршка на Република Македонија.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во својот Кабинет го прими Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.










