| Средба со адмиралот Џејмс Ставридис, командант на Сојузничките сили на НАТО за операции | |
|
|
На средбата беше разговарано за евро-атлантската интеграција на Република Македонија, учеството на македонските војници во меѓународните мировни мисии, како и идните чекори за зајакнување на партнерството и соработката помеѓу Република Македонија и земјите членки на НАТО. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија во изминатиот период покажа и докажа дека е одговорен член на меѓународната заедница, и земја која одговорно пристапува кон обврските и задачите, како што доликува на вистински сојузник и де факто член на НАТО Алијансата. Претседателот Иванов изрази надеж дека на Самитот на НАТО во Чикаго, сојузниците ќе ја имаат предвид новонастанатата состојба со пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг и дека ќе го преиспитаат заклучокот од Букурешт. Адмиралот Ставридис изрази благодарност за придонесот на македонските војници во мисијата ИСАФ во Авганистан и истакна дека Република Македонија има постигнато значаен успех и напредок во достигнувањето на НАТО стандардите, особено во делот на модернизација на одбраната, како и дека градењето на стратешкото партнерство ќе продолжи и понатаму. Соговорниците се согласија дека добивањето на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО, е особено значајно за стабилноста и просперитетот на земјата, но и на регионот.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес во својот Кабинет го прими командантот на Сојузничките сили на НАТО за операции, од Монс, aдмирал Џејмс Ставридис, кој престојува во дводневна официјална пoсета на Република Македонија.










