Координација на државниот врв – Македонија останува цврсто посветена за надминување на прашањето со името
Петок, 17 Февруари 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на претстојната посета на амбасадорот Метју Нимиц на Република Македонија, свика координација на државниот врв за текот на разговорите за надминување на проблемот кој Република Грција го има со нашето уставно име, што се водат под покровителство на ОН.

На координативниот состанок присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Муса Џафери, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски и специјалниот пратеник на претседателот во разговорите за името, амбасадорот Зоран Јолевски.

На средбата, амбасадорот Јолевски информираше за разговорите со амбасадорот Нимиц во јануари.

Заклучок на средбата, во пресрет на посетата на амбасадорот Нимиц, е дека Република Македонија останува цврсто посветена за надминување на ова прашање. Македонскиот државен врв ја поздрави посетата на амбасадорот Нимиц на Македонија и Грција со надеж дека тоа ќе придонесе за продолжување на разговорите за надминување на разликата околу името. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, која укажа на неоправданоста на грчката блокада на македонската покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, на недвосмислен, објективен и непристрастен начин потврди дека Република Македонија своите позиции, во целиот изминат период ги заснова врз меѓународното право и почитувањето на добрососедските односи.

Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот и како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна.



  Back<<Назад