|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо до претседателот на Република Грција, Каролос Папуљас:
Почитуван господине Претседателе, Во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго, имам чест да Ви се обратам и да замолам за Ваша поддршка за членство на Република Македонија во НАТО. Писмово го пишувам по неодамнешниот нов развој на настаните во случајот со членството на Република Македонија во НАТО, а кои се јавија по пресудата на Меѓународниот суд на правдата – МСП од 5 декември 2011 година.
Пресудата, која по својата природа е обврзувачка, нуди нова, правна димензија за нашето членство во НАТО и бара нов пристап од сите земји–членки на НАТО. И покрај единствената констатација на сите земји-членки дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за членство, сепак, поради противењето на Грција беше донесен заклучокот во Букурешт. Очекуваме од секоја земја-членка на НАТО, а особено од Вашата држава, како наш сосед, да ја почитува пресудата на МСП, Времената спогодба и меѓународното право. Очекуваме позитивен и конструктивен пристап од Вашата земја и очекуваме во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт.
Членството на Република Македонија во НАТО под привремениот начин на обраќање кој се користи во Обединетите нации е, секако, од наш заеднички интерес, но и повеќе од тоа. Силно верувам дека сите ќе имаат бенефит од членството на Република Македонија во НАТО. НАТО, како организација ќе ја прошири и зајакне зоната на безбедност, стабилност и демократија во Југоисточна Европа. Ќе ја охрабри, не само Република Македонија, туку сите земји од нашиот регион да продолжат по патот на реформите. Но, пред сè, бенефит ќе има Вашата земја, Република Грција со тоа што, на својата северна граница ќе добие уште една земја-членка на НАТО. Добивањето на заслужената покана за членство во НАТО значително ќе го поттикне развојот на нашите билатерални односи. Имено, членството во НАТО секогаш давало поволни услови за надминување на билатералните разлики меѓу земјите-членки. Ќе биде многу полесно за двете наши земји, како меѓузависни НАТО партнери и сојузници, да дојдат до заемно прифатливо решение за разликата околу името.
Ваша Екселенцијо, нашите очекувања од Самитот во Чикаго се јасни и разумни. Очекуваме земјите–членки да постигнат консензус за ефектуирање на одложената покана за Република Македонија за членство во НАТО. Поддршката од Вашата земја во оваа смисла ќе биде многу ценета и ќе придонесе за унапредувањето на мирот и стабилноста во нашиот регион.
Ваша Екселенцијо, Се надеваме дека Вие, господине Претседателе, како потписник на Времената спогодба од 1995 година, ќе придонесете за почитување на обврските кои произлегуваат од истата. Ве уверувам дека сме подготвени да најдеме заедничко и достоинствено решение за разликата околу името. Сакаме решение во кое нема да има победници и поразени. Ве уверувам дека, како и досега, ќе продолжиме, со добра волја и конструктивно, да учествуваме во преговорите кои се одвиваат под покровителство на Обединетите нации.
Со надеж дека ќе наидам на разбирање и дека со изнесените аргументи ќе ја добиеме Вашата поддршка, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов
|