Средба со Кнут Волебек, Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ
Четврток, 09 Февруари 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кнут Волебек.

На средбата, претседателот Иванов му се заблагодари на комесарот Волебек за ангажманот и поддршката која ОБСЕ ја дава во унапредување на односите меѓу етничките заедници во Република Македонија. Претседателот Иванов истакна дека Македонија останува успешен и позитивен пример во регионот со својот пристап кон градење на односи на почитување и соработка меѓу разните етнички заедници.

Претседателот Иванов и комесарот Волебек го разгледаа напредокот во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, при што констатираа дека тој претставува преточување на македонската долгогодишна традиција на заедничко живеење во правна рамка и нуди решенија, и претставува пример и за другите мултиетнички држави од регионот. Претседателот оцени дека функционирањето на македонскиот демократски модел покажа дека е можно спроведување на реформи, унапредување на општеството, во услови на заедничка партиципација на граѓаните независно од нивната етничка припадност.

Претседателот Иванов и комесарот Волебек разговараа и за инцидентите кои неодамна се случија во Македонија. Претседателот Иванов истакна дека македонското општество на овие изолирани инциденти реагираше со остра осуда и со повици тие да не бидат злоупотребувани за политички или други цели. Претседателот Иванов дополни дека поединечни инциденти не можат на ниеден начин да влијаат ниту да му наштетат на стабилниот модел на мултиетничка демократија која егзистира во Република Македонија.

Претседателот Иванов и комесарот Волебек се согласија дека е важно спроведување на Стратегијата за интегрирано образование. Претседателот Иванов ја поддржува Стратегијата и очекува нејзина имплементација. Заклучок на средбата беше дека една од целите на образованието е да овозможи и подобро запознавање на младите луѓе и нивна интеракција.


 

  Back<<Назад