| Средба со Жан Тод, претседателот на Меѓународната федерација за автомобилизам (ФИА) | |
|
|
Претседателот Иванов истакна дека за Република Макеоднија е голема чест што Автомобилистичката федерација на Македонија (АФМ) стана член на ФИА. Претседателот ги поздрави активностите на ФИА за унапредување на мотоспортот и воопшто автомобилскиот сообраќај, но пред сè напорите за зголемување на безбедноста на возачите и на останатите учесници во сообраќајот, кои се одвиваат во рамки на Декадата на акција за безбедност на патиштата 2011-2020, иницирана од Обединетите нации и ФИА. Претседателот Иванов го информираше г-динот Тод за текот на имплементацијата на Националната стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста во сообраќајот 2009–2014, чиј поддржувач и промотор е и самиот тој, како и за предизвиците и сериозниот пристап на националните органи и институции за преполовување на бројот на жртви во сообраќајот, и најважно – комплетно елиминирање на бројот на деца-жртви во сообраќајни незгоди. Македонскиот претседател Иванов и претседателот на ФИА, Тод разговараа и за перспективите за поинтензивен развој и унапредување на мотоспортот во Република Македонија, како и за можностите во иднина да се одржуваат автомобилски трки од меѓународен карактер и во нашата земја. Г-динот Жан Тод зад себе има извонредна кариера во мотоспортот. Под негово раководство, тимот на Ферари во трките на Формула 1, освои 13 титули, меѓу кои и петте на најуспешниот возач на сите времиња, Михаел Шумахер. Неговото лидерство ги надминува границите на мотоспортот, пред сè преку неговите хуманитарни и филантропски активности. Тој е Член на Француската академија за технолошки науки, како и еден од основачите и заменик претседател на Институтот за истражување на мозокот и пореметувањата на рбетниот мозок, со седиште во Париз.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес во својот Кабинет го прими Претседателот на Меѓународната федерација за автомобилизам (ФИА) и поранешен Генерален директор на италијанската компанија за производство на автомобили „Ферари“, г-дин Жан Тод, на покана на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) и Автомобилистичката федерација на Македонија (АФМ).










