|
Средба со поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и поглаварот на ИВЗ Реис ул улема Реџепи
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес оствари средба со поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и со поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи.
Средбата беше свикана на иницијатива на претседателот Иванов, во рамките на неговите редовни контакти со претставниците на верските заедници во Република Македонија. Повод за средбата беа настаните во општините Вевчани и Струга. Претседателот Иванов на средбата побара водачите на двете најголеми верски заедници во Република Македонија да го вложат својот авторитет и да влијаат за поголемо меѓуверско разбирање. Претседателот Иванов, архиепископот г.г. Стефан и Реис ул улема Реџепи заеднички упатуваат порака за одговорност во негување на традиционално добрите меѓуверски односи и на културата на толеранција.
Од средбата произлезе заеднички заклучок дека кој било изолиран инцидент, каде и да се случил, треба да биде осуден, од страна на сите. Претседателот Иванов очекува извршителите на инцидентите да одговараат согласно законите. Претседателот Иванов и поглаварите на двете најголеми верски заедници во Македонија изразија увереност дека традицијата на заеднички живот која опстојувала со векови останува вредност и придобивка на сите граѓани на Република Македонија.
|