Неопходна е јасна интегративна перспектива – средба со претседателот на Република Српска, Милорад Додик
Петок, 27 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (27 јануари) оствари средба со Претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Претседателот Иванов искажа задоволство од развојот на пријателските односи и од севкупната соработка меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, вклучително и Република Српска. Двајцата соговорници се согласија дека акцентот во натамошниот развој на соработката треба да биде ставен на економската соработка и трговската размена.

Претседателот Иванов ја искористи средбата со претседателот Додик за размена на мислења за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа. Претседателот Иванов истакна дека и покрај значителниот напредок постигнат во изминатите години, на регионот му e неопходна јасна перспектива за напредок во започнатите интегративни процеси. Според Претседателот Иванов, земјите од регионот треба да продолжат на патот на намалување на пречките за меѓусебна трговија, натамошно политичко приближување и соработка, при што евро-атланските интеграции ја нудат најдобрата институционална форма.

Претседателот Додик го информираше Претседателот Иванов за актуелните политички и економски состојби во Република Српска, како и во Босна и Херцеговина. Посебен акцент беше ставен на клучните предизвици со кои Босна и Херцеговина се соочува во моментов. Претседателот Иванов беше информиран за ставовите на Република Српска по тие прашања. Претседателот Иванов на средбата го поздрави договорот за формирање на Советот на Министри на Босна и Херцеговина.



  Back<<Назад