Хрватскиот успех е успех за регионот – писмо со честитки за одлуката на хрватските граѓани за влез во ЕУ
Среда, 25 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо до неговиот хрватски колега Иво Јосиповиќ, по повод референдумската одлука на хрватските граѓани за пристапување кон Европската Унија:

Срдечно поздравувајќи Ве, дозволетe ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да упатам најсрдечни честитки за историската одлука на хрватските граѓани за влез на Република Хрватска во Европската унија. Оваа одлука е исклучително важна за Вашата земја и за пријателскиот хрватски народ, но и за целиот наш регион. Убедени сме дека вашиот успех е и наш успех, како и успех на нашиот регион и Европа воопшто.

Историјата покажа дека проширувањето на Европската унија е најзначаен, не само развоен, туку и мировен проект на европскиот континент, кој им овозможи на европските држави да ги надминат своите историски насобрани проблеми и разлики. Впрочем, тоа најдобро го покажа процесот на приклучување на пријателска Република Хрватска во европското семејство на народи.

Сигурен сум дека соработката меѓу Република Македонија и Република Хрватска не само што ќе продолжи, туку во наредниот период и ќе се интензивира. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


  Back<<Назад