Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Петок, 27 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Почитувани,

Ми претставува особено задоволство на сите припадници на српската заедница да им го честитам големиот празник Свети Сава.

Прославата на Денот на првиот српски архиепископ - 27 јануари, претставува еден од најзначајните верски и национални празници на српскиот народ, кој се прославува секаде каде што живеат Срби. И во Македонија, припадниците на српската заедница, кои се нераскинлив дел од македонското општество и кои заедно со другите заедници активно придонесуваат кон соживотот и меѓусебното разбирање, достоинствено го прославуваат својот празник, кој е прогласен и за национален ден на српската заедница во Република Македонија. Токму на денот на Свети Сава се одржува свечена академија на која годинава ја имам честа  да бидам и покровител.

Почитувани граѓани од српска националност,

Свети Сава за српскиот народ е непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога, кон себе и кон блиските, духовна крепост и патоказ кон иднината исполнета со слобода, хуманизам, благодат и напредок.

Ви посакувам празникот да го поминете во мир, среќа и благосостојба.

За многу години!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад