Претседателот Иванов во поддршка на Светскиот ден за борба против СИДА-та
Четврток, 01 Декември 2011   

altВо знак на поддршка кон одбележувањето на Светскиот ден за борба против СИДА-та, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, присуствуваше на Хуманитарниот концерт на оперски арии, кој се одржа во Македонската опера и балет.

Претседателот нагласи дека вирусот ХИВ и СИДА-та веќе одамна не се табу тема во општеството, но за жал за некои наши граѓани се реалност и борба која треба да ја водат до крајот на животот. Денес современата медицинска технологија им овозможува на лицата со ХИВ да водат нормален живот, но - како што нагласи претседателот - треба сите да придонесеме во борбата со стигмата и дискриминацијата.

Тој исто така упати апел до сите граѓани да се информираат и да се заштитат себеси и своите семејства, зашто превенцијата е секогаш подобар избор од лечењето. Претседателот Иванов исто така повика на поголема солидарност и поддршка за лицата кои живеат со ХИВ.

Хуманитарниот концерт, со основна цел да ја поттикне свеста за социјалната одговорност кон ХИВ, беше организиран од Х.Е.Р.А. – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, во соработка со Македонската опера и балет, а со поддршка на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, УНАИДС, приватниот сектор и медиумите. Слоганот на овогодинешното одбележување на Светскиот ден за борба против СИДА-та е „ХИВ не засега сите! Тестирај се за ХИВ! Поддржи ги лицата кои што живеат со ХИВ!“.

Сите средства, донирани преку продажба на картите за овој концерт, ќе бидат наменети за поддршка на лицата кои што живеат со ХИВ.
 

  Back<<Назад