|

Треба да се совладаат возвишените категории на правдина, добрина и убавина, а тоа се учи само преку политиката, порача Претседателот Политичките студии на Правниот факултет во Скопје денеска одбележаа 18 години постоење. Нивната полнолетност со свое излагање ја поздрави претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој е и еден од основачите на овие најмлади студии на Факултетот „Јустинијан Први“. „Осумнаесет години значат зрелост за еден човек зашто самите носите одлуки за својот живот, но и овде има очигледна симболика - политичките студии се зрели зашто се во сигурни раце, во кадарот што ние го оспособивме и кој знае како да ги води студиите“, нагласи претседателот Иванов. Тој на студентите им порача да учат од изворот - од старата школа зародена пред нашата ера и од втемелувачите на оваа наука која се занимава со односите во општеството и слободата на човекот во него, посочувајќи ги Херодот, Исократ, Аристотел, Платон, Сенека... „Политичката наука е најдинамична зашто како се менуваат луѓето, така се менуваат и односите меѓу нив и нивните заедници. Денес политиката не е вруток. Немојте да ја учите политиката од денешен аспект зашто ќе се отруете. Пијте ја водата на изворот и од изворот одете кон утоката“, им порача Претседателот на студентите на политички науки. Шефот на државата во своето предавање за политиката истакна дека таа за општеството е она што етиката е за поединецот, но и дека за да се практикува политика треба да се има доблест и морален став за нештата. Цитирајќи го Платон, претседателот Иванов посочи дека треба да се совладаат возвишените категории на правдината, добрината и убавината, а дека тоа се учи само преку политиката. „Ова е кралска наука, ова е највозвишена наука која ги учи луѓето да воспостават поредок во својата заедница“, додаде претседателот Иванов.  Деканот на Правниот факултет, Борче Давитковски истакна дека иако се најмлади во 60-годишниот развој на Правниот факултет, овие студии поттикнале основање и на други универзитети, а фактот што предавачи се луѓе на важни државни функции ги поставува овие студии на лидерска позиција. Студиите се формирани во академската 1993/1994, а од 2005/2006 се приспособени на европскиот кредит трансфер систем. Имаат четири специјализирани магистарски студии, а петтите им се во процес на акредитација. Во 18-те години постоење се запишале 2.126, а дипломирале 925. На политичките студии студентите научно се подготвуваат и стручно се оспособуваат за стручни, аналитички и советнички работи во политичките институции, во државната управа, дипломатијата, политичките партии, локалната самоуправа, во пазарноориентираните агенции и во слични меѓународни организации, фондации и институти. Зоран Илиевски, раководител на Институтот за политички науки нагласи дека во иднина нивните напори ќе бидат насочени кон интернационализација на студиите и нивно прераснување во регионален центар.
|