Претседателот Иванов им врачи на кошаркарските репрезентативци „Медал за заслуги за Македонија“
Среда, 05 Октомври 2011   

Претседателот на Република Македонија, д-рЃорге Иванов денеска со „Медал за заслуги за Македонија“ ги одликува македонските кошаркарски репрезентативци кои го освоија четвртото место на Европското првенство во кошарка во Литванија.

Високото признание им се доделува за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во кошарката на меѓународен план и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.

„Македонија го доби најпосакуваниот спортски подарок за 20-годишнината од независноста. Успехот што вие го постигнавте е заразен и убеден сум дека ќе продолжи на сите полиња и во спортот и во културата и во економијата. Владо Илиевски праша: Луѓе, што направивме? Да ви кажеме што направивте - ја прославивте Македонија низ Европа! Ја ставивте македонската кошарка на европската кошаркарска мапа,“ нагласи претседателот Иванов при доделувањето на медалите.

Претседателот додаде дека репрезентативците освојувајќи го срцето на Македонија и на сите македонски граѓани ја обединија нацијата.

„Дома има клубови, надвор има репрезентација! Тоа важи за спортот, така треба да биде и на полето на политиката,“ нагласи македонскиот претседател.

Медал за заслуги добија Перо Антиќ, Владо Илиевски, Лестер Бо Мекејлеб, Илија Димчевски, Димитар Мираковски, Тодор Гечевски, Дарко Соколов, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Ѓорѓи Чековски, Предраг Самарџиски, селекторот Марин Докузовси и сите членови на стручниот тим.

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија Даниел Димевски заблагодарувајќи се за укажаната чест во име на кошаркарската репрезентација истакна дека со нејзиниот успех се отклучил катанецот со кој била заклучена самодовербата во Македонија. Тој истакна дека репрезентативците дале се од себе на Европското кошаркарско првенство за што поголем успех трошејќи ја при тоа целата енергија, која, како што рече македонскиот народ им ја вратил назад со величенствениот пречек.

Одликувањата на репрезентативците им бea врачени во Македонската опера и балет.
 

 

alt

  Back<<Назад