|
 Поддршката за почеток на преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ што вчера во Брисел ја искажа премиерот на Унгарија Виктор Орбан, претседателот Ѓорге Иванов ја оцени како исполнување на ветувањата што ги доби од унгарските власти за време на неговата посета на Будимпешта во почетокот на неделава. Според претседателот, тоа е поместување од статус кво состојбата во однос на проширувањето и односот кон Македонија. ”Да се помести статус квото во однос на прашањето на името неопходно е лидерство и визија. Тоа лидерство го гледаме преку изјавите на Орбан затоа што преку сите разговори што ги имавме, сето она што го ветија еве сега го исполнуваат. Меѓутоа и на секоја идна средба на Европскиот совет и секаде кога ќе стане збор за поширувањето нашите унгарски пријатели ќе го потенцираат она што беше истакнато од премиерот Орбан,” рече Претседателот Ѓорге Иванов, одговарајќи на новинарски прашања во Истанбул по завршување на посетата на овој град каде што учествуваше на 14-тиот Евроазиски економски форум.
Унгарскиот премиер Орбан вчера на конференција за Западен Балкан во Брисел побара Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и покрај нерешениот спор за името.
„Што се однесува до Македонија, тоа е еден од најтешките проблеми. Ако треба да го окарактеризирам, ќе кажам дека е чист апсурд. Дури и како претседавач на Советот на ЕУ треба да размислувам како да се обратам, треба да размислувам дали смеам да кажам Македонија, или треба да користам ПЈРМ, тоа е апсурдно. Ако една земја ги исполнува условите, задачите, треба да и се даде шанса на земјата да ги започне преговорите, а после да најде договор со земјата членка. Да не дозволуваме преговори поради политички конфликт е несреќна политичка стратегија. Со Македонија треба да започнеме преговори,“ рече Орбан, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред заминувањето од Истанбул имаше средба со севселенскиот партијарх Вартоломеј која ја оцени како корисна и конструктивна. Преовладувале, како што додаде, познатите теми и ја искористил можноста да им го честита на македонските православи граѓани претстојниот празник Велигден.
Учеството на Евроазискиот форум, Иванов го оцени како успешно и оти резултатите може наскоро да се видат.
„Како и минатата година и овој пат имавме можности за многу средби и контакти со врвни бизнисмени од овој регион. Овие форуми се можност да разговараме за се она што е приоритет за Македонија. Ова е можност да најдеме луѓе кои се заинтересирани, кои влегле длабоко во нашиот регион со инвестиции и тоа на некој начин претставува позитивен однос кон нас затоа што приторитет над сите приоритети е економскиот развој. Затоа сите овие средби се во функција на економскикот развој на Македонија – да дојдат нови инвеститори, да сме во тек со актуелните случувања, да партиципираме во прашањата што се отвораат затоа што секоја година на овој форум кој ги спојува земјите од Европа и Азија се отвораат теми што се од интерес и за нашиот регион,“ изјави претседателот Иванов.
За неговото прогласување за почесен доктор на науки на Универзитетот Истанбул, шефот на макеоднската држава истакна дека тоа не е признание само лично за него, туку и за Македонија.
„Тоа е гест што укажува на сето она што го правиме и градиме меѓу нашите две земји,“ истакна претседателот Ѓорѓе Иванов по завршување на посетата на Турција.
|