|
 Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во рамките на денешната работна посета на тетовската општина Јегуновце, имаше средба со градоначалникот Тони Коцевски и советниците на општината. На средбата стана збор за состојбите во општината, можностите за вложување и развој, како и перспективите за искористување на капацитетите со кои располага регионот.
Претседателот Иванов од локалната власт беше информиран за предизвиците со кои општината Јегуновце се соочува, меѓу кои е лошата состојба на двата регионални патни правци кои минуваат низ неа, како и потребата за регулирањето на коритото на реката Вардар, со чијашто реализација ќе се спречат поплавите врз имотите и куќите на жителите на општината.
Во рамките на посетата, Претседателот Иванов се сретна и со г-дин Владимир Шедровицки, Генерален директор на една од најголемите фабрики во земјава „Југохром Фероалојс“,која од 2010 година е во сопственост на руско – украинската компанија „Камелот Груп“ и во моментов вработува околу 800 работници. Притоа, Претседателот ги поздрави напорите на новите сопственици за нови инвестиции и проширување на производството, со што ќе се овозможи отворање на нови работни места, како и иницијативата за стипендирање на млади луѓе да се усовршуваат во сферите на металургијата и технологијата. Сите овие заложби, како и посветеноста на заштитата на животната средина и вложувањето во технологии за намалување на загадувањето од производството, отвораат нови перспективи за жителите од овој крај. Претседателот, исто така, изрази надеж дека „Југохром“ повторно ќе го постигне нивото од минатото како најголем преработувачки капацитет од сферата на металургијата во Македонија.
Претседателот Иванов ја посети и библиотеката „Светлина - Дрита“ во Прељубиште, а го посети и двојазичното интегрирано училиште за основно и средно образование во истото село што, според него, претставува добар пример како од малите нозе може да се научат младите на јазикот на своите соседи, да се запознаат меѓу себе, а со тоа и да придонесат за повисок степен на интеграција на нашето општество. Проектот за двојазично интегрирано образование се реализира со поддршка на Министерството за надворешни работи на Норвешка преку невладината организација „Нансен дијалог-центар“. Претседателот оствари средба со Проф. д-р Стајнер Брин, Директор на Нансен мрежата на Балканот, како и со Сашо Стојковски, извршен директор на Нансен Дијалог Центар, Скопје, а имаше прилика да ја проследи и специјалната приредба која учениците ја подготвија по овој повод.
|