Претседателот Иванов повикува на политичка пристојност во претстојната изборна кампања
Вторник, 19 Април 2011   

alt

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ги оцени како шпекулации информациите дека Македонија веќе постигнала договор со Грција за спорот за името, кој би бил објавен по изборите. Смета дека таквите шпекулации се штетни и побара политичките партии и јавноста да не предизвикуваат ширење на такви дезинформации.

„Таквите шпекулации се штетни за нашата позиција во преговарачкиот процес кој се одвива во ООН и каде треба да се изнајде заемно прифатливо решение. Процесот треба да заврши таму каде што е почнат, а политичките партии и јавноста не треба да влегуваат во вакви шпекулации кои и штетат на македонската позиција,“ изјави претседателот Иванов при денешната посета на Јегуновце.

Запрашан дали по изборите очекува поширок консензус по прашањето за спорот со Грција, шефот на државата истакна дека веќе постои таков неформален национален консензус.

„Без разлика кој и да е на власт, треба да се знае што е во наш интерес, а тоа е да не се навлегува во идентитетските прашања, туку во процесот само се разговара за разликата околу името што е и во согласност со Резолуцијата на ОН,“ истакна Претседателот Иванов. Тој верува дека по изборите ќе има динамизирање на овој процес и оти посредникот Нимиц ќе продолжи со средбите со македонскиот и грчкиот претставник.

Македонскиот Претседател очекува при утрешната посета на рускиот Министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Македонија, да ја чујат нивната позиција и ставови околу процесот за разрешување на спорот со Република Грција кој се одвива во ООН.

„Русија е членка на Советот за безбедност, таа нè призна под уставното име, тоа го користи во билатералните односи и тоа никогаш не било спорно за нив,“ рече д-р Иванов и појасни дека најавената посета на Лавров е во рамки на одбележувањето на 150 години од отворањето на првиот Руски Конзулат во Македонија.

Во врска со острата реторика на политичките партии пред изборите, Иванов со став дека вообичаено е пред избори да се подгрева атмосферата. Сепак, тој ги повика сите политички субјекти на политичка пристојност бидејќи, како што рече, кога ќе поминат изборите, различните страни и партии ќе мора повторно да се видат и да разговараат.

„По 20 години во демократија мора да ја научиме политичката игра, да се употребуваат зборови, изрази и термини кои не се навредливи, и да не се загадува јавниот простор со реторика од страна на партии и поединци кои сакаат да ја добијат довербата на народот,“ истакна Претседателот Иванов.
 

  Back<<Назад