Претседателот Иванов прогласен за почесен доктор на науки на Универзитетот Истанбул
Четврток, 14 Април 2011   


На Претседателот Ѓорѓе Иванов денес на Универзитетот Истанбул му беше доделена титула Почесен доктор на науки. Ова високо признание му беше предадено од страна на Ректорот на Универзитетот, Јунус Сојлет, кој во оваа свечена прилика го оцени Претседателот Иванов како демократ и миротворец, човек кој често ја истакнува важноста на меѓуетничката толеранција и дијалогот.

Посочувајќи на досегашната успешна соработка помеѓу Универзитетот Истанбул и универзитетите во Македонија, Ректорот Сојлет најави дека и во иднина ќе работи на зацврстување на врските помеѓу академските институции и продолжување на соработката во областа на образованието, културата и науката.

Универзитетот во Истанбул е еден од најстарите високо-образовни центри во светот и историски наследник на Универзитетот на Константинопол, каде во 9 век се образувал, а потоа и предавал Константин Филозоф, односно Кирил, творецот на словенската писменост.

„Како професор на Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, моето присуство овде го доживувам како своевиден академски аџилак, бидејќи доаѓам во историскиот центар на знаењето, науката и уметноста. Во градот каде учеа, се надградуваа и твореа просветителите на мојот народ и воедно патрони на мојот универзитет, Солунските браќа Кирил и Методиј,“ нагласи претседателот Иванов во рамките на предавањето на Универзитетот на тема „Мегалополисот како модел за управување со општествата на 21-от век“. Претседателот го посвети ова предавање на Истанбул, градот кој се вбројува меѓу 25-те најголеми во светот.

„Истанбул спојува два континента. Тој е крстосница на луѓето, културите и цивилизациите. Овој голем град со векови ја поврзува Европа и Азија, Балканот и Анадолија. Тој е трговски центар кој ги сплотува турскиот економски, социјален и културен живот,“ оцени претседателот Иванов, додавајќи дека Истанбул како град кој е стар и модерен, мирен и динамичен, мултиетнички и мултирелигиозен, мултијазичен и мултикултурен, е повеќе од Турција, Истанбул е светот.

Претседателот Иванов со ова го заокружи работниот дел од посетата на Турција, каде учествуваше на 14. Евроазиски економски форум што секоја година од 1998 го организира Мармара фондацијата.

  Back<<Назад