|
 Здружување и заедничко дејствување е единствениот начин за справување со глобалните предизвици – економската криза и потенцијалната светска рецесија, климатските промени, заканите од недостигот на храна и ресурси, порача претседтелот д-р Ѓорге Иванов во обраќањето на отворањето на 14. Евроазиски економски форум, кој во организација на Мармара фондацијата се одржува во Истанбул.
„Да ги оставиме зад себе сите историски несогласувања и да го зајакнеме дијалогот и соработката. Да работиме посветено на зацврстување на врските меѓу нашите земји, истакнувајќи го секој наш поединечен придонес, вложувајќи го она во кое сме најдобри,“ рече Иванов и додаде дека само преку зголемена регионална соработка, координирано инвестирање во зелен и одржлив равој ќе се успее да се искорени сиромаштијата, да се намалат ризиците и да се трасира предвидлива и сигурна иднина.
Претседатлеот Иванов изрази уверување дека сите присутни имаат иста цел - да овозможат подобар живот и перспективи за своите граѓани и подобри услови во кои ќе можат да се реализираат интелектуални и бизнис идеи.
„Република Македонија континуирано работи на подобрување на бизнис климата и условите за работа, како за домашните така и за странските фирми. Нашата цел е постигнување стабилен економски раст, развој на приватниот сектор, привлекување инвестиции и оворање нови работни мењста. Мојата цел како претседател е да ги отворам вратите и да создавам услови за зголемена економска соработка,“ истакна Иванов.
Според него, форумот во Истанбул, чија цел е да ги поврзе истокот и западот и да овозможи дискусија за исклучително значајните геостратешки, геоекономски и геополитички пашања, ќе овозможи плодна дебата, размена на мислења и можности за соработка.
Учесниците на форумот денес ќе дискутираат за регионалната економска соработка, за енергетските потенцијали и безбедност, борбата против глобалниот тероризам, зајакнување на дијалогот, како и за потенцијалните идни проекти.
Претседателот Иванов своето главно обраќање ќе го оствари во рамките на Сесијата на современи мудри луѓе, посветена на 20-годишнината од стекнување на независност на 27 евроазиски земји, меѓу кои и Република Македонија, со осврт на новостекнатите искуства, предизвиците и демократските достигнувања и перспективи.
Во рамките на овој настан ќе се одржи и Женски бизнис форум на тема „Сопругите на лидерите како примери и нивното влијание на политиките за жените“, на кој е предвидено обраќање на сопругата на претседателот на Република Македонија г-ѓа Маја Иванова.
Шефот на македонската држава за време на престојот во Турција ќе го посети и Универзитетот Истанбул каде ќе одржи предавање на тема "Мегалополисите како модел за управување на општествата на 21 век", а од страна на ректорот ќе му биде доделена тититулата Почесен доктор. Универзитетот Истанбул е една од најстарите образовни институции во Турција и во светот.
|