Само визија и лидерство во ЕУ може да ја поместат позицијата на Македонија во евроинтеграциите – Претседателот Иванов ја заокружи посетата на Унгарија
Вторник, 12 Април 2011   


„Потребна е визија и лидерство во Европската унија што ќе ја помести статус-кво состојбата на Македонија во однос на почнувањето пристапни преговори, зашто преку нашиот случај може да се очекуваат позитивни промени и за целиот регион. Досегашните интензивни разговори, со претседавачот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо минатиот викенд во Охрид и сегашните со претседателот и премиерот на Унгарија, Пал Шмит и Виктор Орбан, влеваат надеж дека сепак, ситуацијата на Македонија во однос на ЕУ позициите ќе се помести,“ изјави шефот на македонската држава д-р Ѓорге Иванов пред денешната средба со претседателот на унгарскиот Парламент Ласло Ковер.

На средбата со Ковер беше искажано задоволство и од двете страни за досегашната парламентарна соработка, а беше нагласена и потребата од натамошно зајакнување на овој исклучително значаен сегмент во односите меѓу двете земји.

Претседателот Иванов изрази благодарност за силната недвосмислена поддршка која Република Македонија ја добива од Република Унгарија во напорите за што побрза интеграција во ЕУ, и изрази надеж дека и двата Парламента преку взаемната соработка ќе дадат битен придонес.

Претседателот на унгарскиот Парламент Ковер изрази целосна подготвеност за соработка, како и уверување дека Македонија може да смета на унгарската поддршка.

„На сите досегашни средби со унгарските власти беше потенцирано дека Унгарија како актуелен претседавач со Унијата, ќе успее да го постави добивањето датум за преговори на сите состаноци кога ќе стане збор за проширувањето. Добивме и ветување дека на претстојната седница на Европскиот совет ќе биде поставено прашањето за добивање датум за почеток на преговорите,“ рече македонскиот претседател.

Според д-р Иванов, кога веќе ги имаме исполнето сите услови, копенхашките критериуми и обврските нотирани како забелешки во извештаите на Европската комисија, а воедно ги спроведуваме и реформите, тоа како земја и го заслужуваме.

Македонската делегација предводена од Претседателот Иванов денес го посети и Факултетот за хуманистички науки при Универзитетот „Етвеш Лорант“. Во разговорите со деканот и ректорот на овој најстар универзитет во Унгарија кој одбележува 375 години, Иванов беше информиран дека од септември во Будимпешта ќе се воведат комплетни студии по македонски јазик и литература. Во учебната 2010/2011 студии по македонски јазик запишале 15 Унгарци, за разлика од порано кога биле еден или двајца. Лекторат има од 1988 година. Претседателот во оваа прилика донираше 300 книги на македонски јазик.

На маргините на официјалната посета на Унгарија, Претседателот Иванов претпладнево имаше неформална средба со турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу. Разговорите, како и вообичаено, се одвиваа мошне пријателски и суштински. ЕУ интеграцијата на Македонија, актуелните политички и економски состојби во двете земји и ситуацијата во регионот во рамки на ЕУ, беа главните теми на кои се осврнаа Иванов и Давутоглу. Уште еднаш е потврдена силната севкупна поддршка што Турција и ја дава на Македонија и беше изразено взаемно задоволство од нивото на односите и соработката кои ги имаат сите елементи на стратешко партнерство.

Оваа прва официјална посета на Унгарија претседателот Иванов ја заокружи со средба со претставници на македонската заедница во Будимпешта што ја организира Амбасадата на РМ.

Од Будимпешта, претседателот Ѓорге Иванов заминува за Истанбул каде што ќе учествува на Евроазискиот економски форум што го организира Фондацијата Мармара.

  Back<<Назад