Унгарија ќе работи на деблокирање на евроинтеграцијата на Македонија – средба на Претседателот Иванов со унгарскиот Премиер Виктор Орбан и Претседателот Пал Шмит
Понеделник, 11 Април 2011   


На официјалната средба во Будимпешта, унгарскиот премиер Виктор Орбан му порача на македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов дека Унгарија ќе направи сè што е во нејзина моќ за надминување на статус-кво состојбата во евроинтеграцијата на Република Македонија.

Орбан на средбата со Иванов искажа целосна подготовеност и решеност Унгарија како земја-претседавач со Унијата да го држи на високо ниво прашањето за македонското ЕУ-интегрирање и на оваа тема да разговара со своите партнери во ЕУ.

Шефот на македонската држава Иванов во текот на разговорите побара од Унгарија натамошна поддршка и помош за следниот чекор во евроинтеграциите на Македонија - одредување датум и почеток на пристапните преговори.

Претседателот Иванов потенцираше дека одредувањето датум за преговори ќе значи силно охрабрување на Република Македонија да продолжи со реформите, но дека тоа ќе има позитивно влијание и на регионален план, а ќе го одржи и кредибилитетот на проширувањето како најуспешна политика на ЕУ.

Македонскиот претседател му предочил на Орбан дека од унгарските власти бара и засилен ангажман во укажувањето и убедувањето на партнерите во ЕУ за почитување на препораките од Европската комисија и Европскиот парламент. Иванов побара, како што напомена на средбата, и фер третман кон Република Македонија посочувајќи го примерот на Словенија и Хрватска за паралелно движење во интеграциите и решавање на билатералните спорови. Во разговорите со премиерот Орбан стана збор и за билатералните односи меѓу двете земји не само на политички, туку и на економски план.

Истите овие пораки претседателот Иванов попладнево му ги пренесе и на неговиот унгарски колега Пал Шмит со кој оствари тет-а-тет средба во палатата Шандор.

„Со Претседателот Шмит се согласивме за неопходноста од натамошно интензивирање на односите и соработката меѓу Македонија и Унгарија во сите домени од заеднички интерес, посебно на економски план. Најголемиот дел од разговорите со Претседателот Шмит го посветивме на македонските евро-интегративни процеси. Ја искажав благодарноста за досегашната континуирана поддршка од Унгарија и изразив очекување таа да продолжи во наредниот клучен период, преку утврдување на датум за почеток на преговори за време на унгарското претседавање со ЕУ,“ изјави Претседателот Иванов по средбата со својот унгарски колега Шмит.

Претседателот Шмит ја пренесе пораката дека Република Унгарија стопроцентно стои зад Република Македонија и на дневен ред на следната седница на Советот на Европската унија ќе го постави прашањето за добивање датум за почеток на пристапните преговори.


„За Република Унгарија, но и за стабилноста на регионот е многу важно и Република Македонија да се приклучи кон ЕУ. На Претседателот Иванов му нагласив дека покрај топлите политички односи меѓу двете држави, ќе се развива и економската соработка. Унгарија е на трето место по обем на инвестиции во Македонија, а во блиска иднина ќе биде потпишан и договор за економска соработка,“ изјави унгарскиот Претседател Шмит на конференцијата за печатот.

Шмит уште и посочи дека на средбата се разговарало и во однос на прашањето за името, но Република Унгарија претпочита да не се вмешува директно, но и со двете земји разговара и ги насочува да најдат соодветно решение. „Нема никаква пречка да се донесе одлука за да се даде датум за почнување преговори зашто тие може да траат три или четири години и во текот на тој период да се најде решение за проблемот. Проблемот со името треба да се реши, но може да се даде одлука за давање датум за почеток на преговорите, изјави Шмит по средбата со Иванов.

Претседателот Иванов по средбата со Шмит даде интервју за националната телевизија Дуна. Во понеделникот еден од највлијателните и најстари весници во Унгарија „Маџар Хирлап“ објави интервју со шефот на државата под наслов „Една силна Македонија би им била од корист на сите“. Во ова интервју претседателот зборува на повеќе теми, евроинтеграциите, прашањето за името, економијата.

На прашањето „што би им кажале на оние кои го доведуваат во прашање постоењето на Македонија“, Иванов одговара: - „Би им кажал дека е време да се разбудат, да ја сфатат реалноста и да настапат сериозно. Би ги поканил сите што зборуваат или посакуваат такви сценарија, да ја посетат Македонија и да се убедат дека е земја која сака мир, заснована на концептот на интеграција, без асимилација, со политичка агенда ориентирана кон реформи, земја на прагот на ЕУ и НАТО“.

Во рамки на дводневната посета на Унгарија, претседателот Ѓорге Иванов се сретна и со претседателот на унгарскиот Парламент, Ласло Ковер, а ја посети и заедницата на македонски иселеници во Будимпешта.

  Back<<Назад