Силината на Европа е во обединувањето - Интернационална конференција на Македонската Паневропска Унија во Дојран
Петок, 08 Април 2011   


Европа е силна само кога е обединета, политички, економски и социјално – ова е основната идеја на тридневната Меѓународна конференција на Македонската Паневропска Унија која се одржува во Дојран под мотото „Повеќе Европа во Југоисточниот регион е одговорот“.

На конференцијата, која ја отвори Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, покрај домаќинот, Градоначалникот на Општина Дојран Глигор Чабулев, и градоначалниците на општините од југоисточниот регион, учествуваат и 14 пратеници од Европскиот Парламент, како и претставници на Интернационалната Паневропска Унија.

„Ние во Европа и во Европската Унија гледаме збир на држави кои успеале своите еднакво силни непријателства и омрази да ги помират и обединат низ еден процес на економско, а потоа и политичко обединување. Секако, тој процес на обединување е заснован врз заедничките вредности, од кои отстапување нема,“ нагласи Претседателот Иванов во своето поздравно обраќање пред учесниците на конференцијата.

На свеченото отварање Претседателот Ѓорге Иванов ја додели наградата “Борис Трајковски“ на Ален Тереноар, Претседател на Интернационалната Паневропска Унија, како признание за сите негови досегашни заслуги за идејата на обединета Европа, но и како поттик за идните успеси кои треба да се постигнат во име на оваа висока визија.

Работниот дел на конференцијата е посветен на важни прашања за иднината на Македонија во Европската Унија, како и за конкретни проекти и инвестициски вложувања во општината Дојран. Како што Претседателот Иванов илустративно посочи: „Светлото на другиот брег е еднакво малото место со безмалку идентично име – Дојрани. Јасно ни е дека и на Дојран, и на Дојрани, ќе им биде подобро да живеат во обединета Европа, во еден економски систем, без вештачката поделеност која ја носи границата. Дистанците кои ги гледате ни кажуваат колку сме мали кога сме поделени, и колку големи можеме да бидеме кога ќе се обединиме“.

На конференцијата предвидено е свое обраќање да имаат Марјан Ѓорчев Претседател на ПЕУ Македонија, Алан Тереноар Претседател на Интернационалната ПЕУ, градоначалникот на Дојран Глигор Чабулев. Во тематскиот дел модератори ќе бидат Мартин Камп Генерален секретар на ЕППаневропска група при Европскиот Парламент и Анита Поповска, член на претседателството на ПЕУ Македонија.

ПЕУ е формирана 1923 година како движење што го трасираше патот кон единството, мирот и напредокот. Повеќе од 60 години работи на пораката за голема, обединета Европа.

  Back<<Назад