Македонија е лидер во унапредување на правата на Ромите - Прием кај Претседателот по повод Денот на Ромите
Четврток, 07 Април 2011   


По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, Претседателот д-р Ѓорге Иванов организира прием за претставници на ромската заедница – политичари, уметници, спортисти, активисти.

Во оваа прилика Претседателот Иванов посочи на потребата од зголемена активност за целосно интегрирање на ромската популација во македонското, но и во европските општества, потенцирајќи дека Република Македонија е лидер во овозможување и почитување на малцинските права на Ромите, како рамноправни граѓани на земјата.

„Ситуацијата со ромската заедница во Република Македонија и степенот на права кои таа ги ужива се пример за целиот свет. Имено, во нашата земја Ромите имаат можност да се образуваат на својот мајчин јазик, да гласаат за своите партии и кандидати и да бидат претставени во сите институции на државата. Токму во Република Македонија постои мнозинска ромска општина каде на чело на општината е градоначалник од Ромска националност и каде што ромскиот јазик е во службена употреба.“ нагласи Претседателот Иванов во поздравното обраќање.

2011 е година кога Македонија го презема претседателството со Декадата за вклучување на Ромите, иницијатива во која се вклучени 12 земји. „Верувам дека преку активностите кои следат во рамките на Декадата на Ромите ќе се продолжи со понатамошен напредок на состојбата на ромската популација пред сè во домувањето, здравството, вработувањето и образованието како клучни во секојдневниот живот. Ве уверувам дека во институцијата Претседател и во мојата личност имате посветен поддржувач на напорите за понатамошно подобрување на социјалната и економска положба на Ромите,“ изјави Претседателот Иванов.

8 април е денот кога се прославува ромската култура, историја и идентитет, и се прават напори за подигање на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат Ромите во сите земји, како најголемо етничко малцинство во Европа.

  Back<<Назад