|
 Иновациите го движат општеството кон напредок, го олеснуваат животот на луѓето и ги совладуваат препреките и предизвиците. Имајќи го предвид огромното значење на новите пронајдоци, Претседателот Ѓорге Иванов се сретна со дел од членовите на Сојузот на пронајдувачите и авторите на техничките унапредувања на Македонија (СПАТУМ), кои ги презентираа своите достигнувања и постигнати резултати. Основната цел на овој Сојуз е да ја промовира иноваторско-пронаоѓачката дејност, креативното творештво и техничката култура во компаниите, образовните установи, организациите и пред граѓаните на Република Македонија.
Претседателот Иванов ја поздрави неуморната иницијатива на иноваторите од Македонија, потенцирајќи го нивниот неспорен придонес за заживување и унапредување на економијата во земјата. Тој ја изрази својата поддршка за нивните пронајдоци, честитајќи им на сите досегашни успеси.
„Македонските пронајдувачи се едни од најугледните и најголемите амбасадори на нашата земја во светот, за што сведочат многубројните добиени награди и признанија на меѓународно ниво. Нивната работа покажува дека идејата и креативноста се најголемиот капитал на едно општество и најголем двигател на развојот. Затоа им е потребна поддршката од сите нас,“ изјави Претседателот Иванов.
Секоја година СПАТУМ ја организира традиционалната Меѓународна изложба на пронајдоци, технички унапредувања, нови производи и творештво на млади МАКИНОВА. Оваа манифестација им овозможува на граѓаните поблиску да се запознаат со новите пронајдоци, но и да ги презентираат своите проблеми за кои македонските иноватори ветуваат дека ќе се најде соодветно решение.
„Сојузот ја понесе задачата да придонесе кон економскиот и техничко-технолошкиот развој на нашата држава. Ја имаме поддршката од Претседателот и од Владата да продолжиме со нашата работа. Доколку пронајдувачот е задоволен и успее со својот пронајдок да оствари приход, тоа ќе има позитивни ефекти за сите нас,“ изјави Коља Асенов, Секретар на СПАТУМ. 
Од основањето на Сојузот во 1957 година до денес, регистрирани се над 11,300 пронајдоци. Од 1996 година СПАТУМ е редовен член на International Federation of Inventors Associations – IFIA со седиште во Женева, а од 2002 година е редовен член и на Извршниот комитет. IFIA во својата анализа во 2003 година за активноста и творештвото на земјите членки, од вкупно 108 асоцијации го рангираше СПАТУМ на 13-то место по иновации применливи во стопанстовото.
Согласно податоците од Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија, во нашата држава има 50 иноватори кои се активни поднесувачи на пријави за патенти и кои имаат добивано признанија за својот пронајдувачки труд во и надвор од границите на Република Македонија.
|