|
Иванов: Очекуваме изборите да поминат во најдобар ред
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оцени дека најавата за учество на сите политички партии на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржа на 5 јуни годинава е добро за државата. Претседателот, во изјавата која ја даде по посетата на Кочани и Македонска Каменица, додаде дека очекува изборите тие да поминат во најдобар ред и ги осуди сите најави за било какви попречувања и насилства. - Радува фактот што сите политички партии прифатија да учествуваат на изборите. Ова е добро и за демократијата, и за граѓаните, бидејќи тие имаат право на избори. Очекуваме овие избори да поминат во најдобар тек, затоа што тоа доликува на земја која 20 години е во демократија. Треба да се осуди секоја најава за какви било попречувања и насилства. Затоа апелирам до сите граѓани на Македонија дека треба да овозможат овие избори да поминат во најдобар тек, бидејќи тоа е услов за позитивен извештај од ЕУ - изјави денеска претседателот Иванов. Одговарајќи на новинарско прашање, Претседателот посочи дека очекувал одлуката за учество на избори да биде донесена уште на лидерските средби. Запрашан за коментар во врска со информациите дека Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, исплатил сума од над 530.000 евра на фирмата за комуникациски менаџмент „Пристоп МК“, за организација на Охридскиот самит на претседатели во 2008 година, Иванов порача дека за случајот надлежните институции треба да постапат согласно своите овластувања. При посетата на Каменица, во кругот на рудникот Саса, Претседателот Иванов засади дрво, во чест на масовната акција Ден на дрвото.
|