Средба со претставниците на Македонското национално малцинство во Република Албанија
Петок, 18 Март 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во рамките на официјалната посета на Република Албанија, оствари средба со претставниците на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Претседателот Иванов ги повика Македонците од Албанија и раководството на политичката партија ,,Македонска алијанса за европска интеграција - МАЕИ’’ да бидат обединети за да можат да ги остварат малцинските права и да го подобрат својот живот во оваа соседна земја, каде што во мај ќе има локални избори, а во ноември попис на населението.

Претставници од Мала Преспа, Голо Брдо и од Гора, каде што има најмногу македонско население од целата територија на Албанија, на Претседателот Иванов му ги пренесоа своите проблеми и искажаа задоволство што првпат за нив се разговара на највисоко ниво.

За нас е важно доаѓањето на претседателот на Македонија и тоа што почна да се зборува отворено и јавно со премиерот и претседателот на Албанија за проблемите на овдешните Македонци, кои тука се признати само во Мала Преспа, во општина Пустец, а секој што е надвор од ова место не се води како Македонец и не ужива права. Се надеваме дека со овие билатерални средби, конечно ќе се реши тој проблем и Македонците во Голо Брдо и Гора да бидат признати како Македонци од официјалните власти во Албанија и да ги имаат правата на Македонците во Мала Преспа, изјави по средбата Едмонд Темелко, претседател на МАЕИ и градоначалник на Пустец.


Васил Стерјовски, директор на ТВ Кристал од Корча рече дека  претседателот апелирал Македонците во Албанија да бидат здружени и обединети околу својата партија, бидејќи само така ќе дојдат до своите права. Само преку нашето политичко ангажирање во Албанија ќе успееме да се интегрираме во институциите на системот, преку освојување на локалната власт и пратенички места, и да ги покренуваме нашите прашања, не само на економски, туку и на национален план, изјави Стерјовски. Тој е задоволен и од  тоа што за малцинското прашање прв пат јавно се произнесол и албанскиот претседател Бамир Топи. Претседателот Топи прв пат се произнесе за пописот во Албанија и тоа го сметаме како охрабрување за сите малцинства. Тие тоа го коментираат позитивно зашто Топи ги осуди ултранационалистите кои секојдневно протестираат и не сакаат да има попис со етничка графа во формуларот, не само за Македонци, туку и за други малцинства, и се плашат Албанија да не излезе мултиетничка држава, рече Стерјовски.
На средбата беше отворено и прашањето за граничниот премин Џепиште - Требиште кај Голо Брдо и изградба на патот што ќе им овозможи пристап на жителите кои поради нерешената инфраструктура во зима се целосно изолирани. Проблемот е доминантно на страна на Албанија зашто се работи за пат од 20 километри. Од македонска страна делницата е многу помала, а Македонија веќе ја исполни обврската. Со тоа, жителите од страна на Албанија во Македонија ќе бидат за само три километри, наместо да патуваат околу 80 км до најблискиот граничен премин. Условите се многу тешки зашто немаме инфраструктура во делот на Голо Брдо и затоа македонското население од таму се има преселено во градовите низ Албанија. Затоа најважен сега ни е граничниот премин Џепиште - Требиште, со кој сите маки во тој регион ќе завршат, рече  Едмонд Османи, потпретседател на МАЕИ и одговорен за огранокот на партијата во Голо Брдо.


Патната инфраструктура како проблем беше посочена и на вчерашните разговори на Претседателот Иванов со државниот врв, зашто од тоа зависи слободниот проток на луѓе, стоки и услуги и продорот на албанскиот пазар каде што има многу малку македонски производи. Македонците од Албанија се задоволни и од иницијативата за прераснување на Лекторатот по македонски јазик во Катедра на Тиранскиот универзитет, за што Претседателот Иванов доби ветување од премиерот Бериша. Лекторката Валентина Нестор рече дека тоа ќе биде од интерес за Македонците и зачувувањето на јазикот како најважна одлика на нивниот идентитет. Лекторатот постои 15 години и во моментов има 73 студенти кои изучуваат македонски јазик како изборен предмет.

  Back<<Назад