Официјална посета на Република Албанија
Четврток, 17 Март 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во дводневна официјална посета на Република Албанија, на покана на албанскиот Претседател Бамир Топи.

Добрите политички односи меѓу Македонија и Албанија треба да бидат проследени и со поинтензивна соработка на економски план која засега заостанува. Искористувањето на потенцијалите се иден приоритет, а предуслов за тоа е добра инфраструктура што ќе овозможи слободно движење на луѓе, стоки и услуги, оценија денеска во Тирана Претседателот Иванов и Претседателот Топи.

Во контекст на инфраструктурата беше потенцирано значењето на Коридорот 8 и потребата за повеќе работа на тој план. За граничниот премин кај Голо Брдо, Претседателот Иванов рече дека од македонска страна обврската е завршена, додека за доцнењето од страна на Република Албанија, каде што патот не е асфалтиран 20 км до границата, Претседателот Топи изјави дека прашањето е само техничко.


Двајцата претседатели разговараа и за прашањето за малцинствата и добрососедските односи. Претседателот Топи изјави дека македонското малцинство во Албанија се смета за интегрирано и ги ужива сите права според Уставот и меѓународните конвенции и дека земјата е позитивно оценета од Советот на Европа. Албанскиот народ и институците се целосно претпазливи во овој процес и ќе ги охрабрат луѓето слободно да се изјаснат. Нема да дозволиме ниеден ултранационалист од каде и да доаѓа да го деформира овој процес, изјави Претседателот Топи.

Претседателот Иванов истакна дека заедниците од двете земји треба да бидат мост на поврзување и дека Македонија е исклучителен пример за почитување на правата на етничките заедници во регионот. Би се радувал ако принципите од Рамковниот договор се почитуваат во сите земји од нашиот регион. Сите претендираме кон Европа, но Европа треба да ја создадеме кај нас, рече Претседателот Иванов, порачувајќи им на политичарите да се однесуваат европски, а не балкански. Во врска со унапредувањето на правата на малцинствата, Претседателот Иванов го отвори прашањето Лекторатот по македонски јазик да прерасне во Катедра за македонски јазик на Тиранскиот универзитет.


Претседателите Иванов и Топи ги нагласија и заедничките интереси за ЕУ и НАТО интеграцијата. Претседателот Иванов и се заблагодари на Албанија која е членка на Алијансата за заложбите и Македонија да ја оствари таа цел. За соработка и поддршка на патот кон ЕУ, двете земји денеска потпишаа и спогодба.


Претседателот Иванов оствари средба и со премиерот на република Албанија Сали Бериша на која беа констатирани добрите политички односи и потребата за интензивирање на економските.




  Back<<Назад