Средба со водачите на најрелевантните политички партии во Република Македонија
Недела, 20 Март 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска организираше средба на која присуствуваа
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија Бранко Црвенковски, Претседателот на Демократската Унија за Интеграција Али Ахмети и Претседателот на Нова Демократија Имер Селмани.

Повод за одржување на средбата беше продолжување на политичкиот дијалог и на дискусијата за одржување на предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе имаат можност да гласаат за широк избор на политички опции. Претседателот Иванов смета дека ова е период во кој водачите на политичките партии треба да го дадат својот целосен придонес во оваа насока.

Лидерите договорија прочистувањето на избирачкиот список да се направи во рок од 30 дена, во избирачките одбори да членуваат по двајца преставници од власта и опозицијата плус еден член од администрацијата, двете барања на СДСМ, додека по барање на Нова Демократија ќе се изврши ревидирање на границите на шестата изборна единица, која по бројот на гласачи отстапува повеќе од законски дозволените пет отсто споредено со останатите единици.


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по средбата изјави дека се работи за условно прифаќање на барањата на СДСМ кои би се спровеле само во случај на нивно учество на изборите. Денеска се фокусиравме на тие четири барања, за кои што тие кажаа дека им биле поважни и од тие прифативме условно две. Условно доколку СДСМ оди на избори. Доколку не оди на избори, тогаш нема да ги прифатиме зошто имаме сериозни аргументи против, рече Груевски.


Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски изјави дека остануваат на четирите барања, вклучувајќи и донесување на закон за рамномерно распределување на средствата за јавни кампањи и деблокирањето на сметките на А1 Телевизија. Апсолутно не се враќаме во Собранието додека условите не бидат исполнети, додека не се постигне договор, додека не се постигне консензус околу изборните правила. Останува одлуката и за бојкот на парламентот и за бојкот на изборите доколку не се прифатат неопходните услови за фер и демократски избори, рече Црвенковски.



Претставниците на партиите од албанскиот блок средбата ја оценија продуктивна и изразија очекување дека позитивната атмосфера ќе резултира и со поконретни решенија. Мислам дека имавме продуктивна, конструктивна средба. Сите страни ги искажаа своите позиции за да заеднички дојдеме до решение, изјави Али Ахмети, Претседателот на ДУИ. Придонесот што го дадов е во насока да се направи добар закон, кој што ќе гарантира фер, демократски, транспарентни избори изјави Имер Селмани, Претседателот на Нова Демократија.

  Back<<Назад